Во Вашингтон денеска се одржува Стратешки дијалог Македонија – САД

По четиригодишна пауза, денеска во Вашингтон се одржува втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, процес што се смета за клучна рамка за унапредување на билатералните односи и зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Високата владина делегација ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а во неа учествуваат и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Според Министерството за надворешни работи, Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на соработката во повеќе клучни области од заемен интерес. Во фокусот на разговорите се одбраната и безбедноста, со оглед на членството на земјата во НАТО, како и сајбер-безбедноста и технолошкиот развој, кои стануваат сè поважни во контекст на современите безбедносни предизвици.

Дополнително, се очекува значаен акцент да биде ставен и на економската соработка, трговијата и инвестициите, како и на енергетската безбедност, особено во услови на глобални енергетски турбуленции. Разговорите ќе опфатат и заеднички активности во борбата против транснационалниот криминал, нелегалната миграција и други безбедносни ризици, со посебен фокус на зајакнување на граничната контрола.

Овој дијалог се оценува како важен чекор за продлабочување на политичкиот дијалог и за потврда на силното партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, при што се очекува да придонесе за нови иницијативи и конкретни проекти во наредниот период.


1235

Задолжително

Verified by MonsterInsights