Фондација Конрад Аденауер и Општина Битола потпишаа меморандум за соработка
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска потпиша меморандум за соработка со Павел Усватов, директор на програмата за владеење на правото во Југоисточна Европа при Фондација Конрад Аденауер, со седиште на канцеларијата во Скопје.
Соработката е дел од тригодишен проект чија главна цел е да се мобилизираат малите и средни претпријатија како активни чинители во борбата против корупцијата, преку промоција на концептот „бизнис со интегритет“. Проектот предвидува низа активности насочени кон подигнување на јавната свест и унапредување на практиките за деловна етика и усогласеност со антикорупциските стандарди.
Во рамки на иницијативата ќе се реализираат обуки, работилници и менторски програми, наменети како за приватниот сектор, така и за јавните претпријатија и општинските служби. Посебен акцент ќе биде ставен на развој на конкретни алатки и механизми што ќе им помогнат на компаниите поефикасно да воспостават системи за интегритет и транспарентност во своето работење.
На работниот состанок присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, при што беше потенцирано значењето на институционалната поддршка за успешна реализација на проектот.
Дополнително, Фондација Конрад Аденауер потпиша меморандум за соработка и со Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, со што се проширува опфатот на иницијативата и се зајакнува поврзаноста меѓу бизнис заедницата и институциите.
Од двете страни беше оценето дека ваквите проекти придонесуваат не само за подобрување на корпоративниот имиџ на компаниите, туку и за градење посигурно, транспарентно и одговорно општество во целина.