Мицкоски: Невини луѓе беа осудени како терористи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно се осврна на предметот „27 април“, коментирајќи ја најновата одлука на Апелацискиот суд и отворајќи прашања за начинот на кој бил воден целиот судски процес.

Тој оцени дека станува збор за случај кој, според неговото толкување, има политичка позадина и бил воден во периодот на претходната власт. Според Мицкоски, дел од обвинетите биле неправедно квалификувани како терористи, иако, како што нагласи, реалната основа на делата не соодветствува со таквата правна квалификација.

„Луѓе кои не се терористи завршија со таква квалификација, иако во суштина станува збор за различни прекршоци за кои мора да постои одговорност“, изјави премиерот, додавајќи дека не се спорни само обвиненијата, туку и целокупниот тек на судската постапка.

Во своето обраќање, Мицкоски се повика и на изјави на поединци од правосудниот систем, тврдејќи дека постојат сведоштва за наводни притисоци, уцени и неправилности при водењето на постапките.

Тој нагласи дека државата нема да може да постигне целосен напредок без, како што рече, целосно расчистување на случаите поврзани со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и со настаните од „27 април“.

„Сè додека овие прашања не добијат јасен и недвосмислен одговор, тешко дека можеме да зборуваме за целосна правна завршница“, истакна Мицкоски, додавајќи дека останатите аспекти од предметот треба да бидат оставени на институциите на системот.


1196

Задолжително

Verified by MonsterInsights