Почина поранешниот министер и амбасадор Мартин Треневски

Почина поранешниот министер, амбасадор и долгогодишен новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство, а информацијата ја објави МИА.

Треневски е роден во 1949 година во Скопје, а во текот на својата професионална кариера остави значаен белег во новинарството, дипломатијата и државните институции.

Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература, а магистрирал политички науки од областа на масовните комуникации и информирањето.

Новинарската кариера ја започнал во повеќе домашни медиуми, а професионалниот врв го достигнал во тогашната агенција ТАНЈУГ, каде во 1986 година бил именуван за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик.

Со осамостојувањето на државата беше министер за информации во првата Влада на Република Македонија, а подоцна и министер за иселеништво. Во дипломатската кариера извршуваше повеќе значајни функции, меѓу кои амбасадор во Шведска, Норвешка, Финска и Естонија, генерален конзул во Торонто и амбасадор во НАТО.

Треневски беше и долгогодишен соработник и колумнист на PelaNet.mk, каде преку своите анализи, колумни и публицистички текстови остави препознатлив авторски белег.

За својата работа беше добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и новинарската награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.

Погребот ќе се одржи утре, 27 мај, во 13 часот на Градски гробишта Бутел.


1176

Задолжително

Verified by MonsterInsights