Лино Червар повторно во македонскиот ракомет, Битола го пречека со големи очекувања.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со новиот тренер на РК „Еурофарм Пелистер“, Лино Червар, кој денеска и официјално ќе биде претставен како предводник на битолскиот ракометен клуб. Искусниот хрватски стратег потпиша тригодишен договор со актуелниот македонски шампион.

На средбата, градоначалникот Коњановски му посака добредојде во Битола и многу успеси во работата со клубот, изразувајќи уверување дека неговото богато искуство и знаење ќе придонесат за понатамошниот развој на РК „Еурофарм Пелистер“ и афирмацијата на градот како еден од најзначајните спортски центри во државата.

По петгодишна пауза од тренерската работа, Червар повторно се враќа на ракометната сцена. Станува збор за еден од најпознатите и најтрофејни ракометни тренери во историјата на спортот. Роден во Умаг, Хрватска, 75-годишниот стручњак има освоено олимписка и светска титула со хрватската репрезентација, а во својата кариера успешно ја предводеше и македонската репрезентација.

Червар остави длабок белег и во македонскиот клупски ракомет преку работата во РК „Металург“, каде покрај резултатите, се истакна и како тренер посветен на развојот на младите ракометари. Неговата способност да препознава и создава врвни играчи е една од неговите најголеми вредности, а токму под негово водство македонски ракометари како Филип Кузмановски, Мартин Талевски и Ненад Дрогришки направија значителен исчекор во своите кариери и станаа репрезентативци.

На средбата со градоначалникот присуствуваа и претседателот на клубот Зоран Стерјев, потпретседателот Бојан Стерјев, како и спортскиот новинар Зоран Мишевски.


1144

Задолжително

Verified by MonsterInsights