Градоначалникот на Битола прими ученици од ООУ „Гоце Делчев“ по освоени меѓународни награди
Од првите акорди на училишните проби, преку регионални натпревари и државни признанија, па сè до освојување на меѓународниот музички натпревар „Art In 2026“, учениците од ООУ „Гоце Делчев“ – Битола испишаа уште една значајна приказна за успех и посветеност.
Учениците од училишниот бенд – Мила, Меланија, Лана, Димитра, Николија и Искра, заедно со нивниот ментор, наставничката Марија Арсиќ, како и членовите на училишниот хор, денес остварија прием во кабинетот на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. На приемот им беа упатени честитки за постигнатите резултати и желби за понатамошни успеси.
Во конкуренција на млади таленти од повеќе држави од регионот и светот, учениците повторно се искачија на пиедесталот, освојувајќи прво место. Секој нивен настап бил исполнет со сигурност, емоција и силна желба за максимален сценски израз, што било особено забележливо и на настапот во Кавадарци.
Учениците истакнуваат дека се горди што преку музиката достојно ги претставиле своето училиште, градот Битола и Република Македонија.
Претходно, училишниот хор на Државниот хорски натпревар во Кавадарци уште еднаш го потврди својот квалитет, покажувајќи високо ниво на посветеност, дисциплина и љубов кон музиката.
„Со многу труд, дисциплина и срце вложено во секоја проба, нашите ученици блеснаа на сцената и заслужено го понесоа највисокото признание. Горди сме на секој отпеан тон, на секој насмевнат лик и на секој момент што нè доведе до овој голем успех. Оваа победа е круна на заедничкиот труд, музичката страст и тимскиот дух што нашиот хор го носи со себе“, истакнуваат од училиштето.