ЕДУКАТИВЕН НАСТАН ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ КАЈ МЛАДИТЕ ВО БИТОЛА
Советот за социјална заштита на Општина Битола организираше едукативен настан на тема „Ментално здравје кај младите“, на кој учествуваа стручни работници од основните и средните училишта, претставници од советите на родители, здруженија на граѓани, невладини организации, советници, како и претставници од советите за детско престапништво, женско претприемништво и младинскиот локален совет. На настанот беа присутни и граѓани од Битола.
Претседателката на Советот за социјална заштита, Марина Крстиќ, истакна дека во услови на брзи општествени промени и зголемени секојдневни притисоци, грижата за менталното здравје мора да се третира еднакво важно како и физичкото здравје.
„Разговорот за емоциите, поддршката на младите и меѓусебното разбирање не треба да биде табу, туку дел од нашето секојдневие“, нагласи Крстиќ.
На настанот беше доделена и благодарница на Алексеј Ивановски, како признание за неговите хумани вредности и несебична поддршка кон заедницата.
Од Советот беше порачано дека грижата за менталното здравје претставува долгорочна инвестиција во иднината на младите генерации.