Реконструкција на улицата „Дебарска“, се работи на делницата од „Димитар Влахов“ до „Илинденска“
Во тек е реконструкција на улицата „Дебарска“ во Битола, проект кој опфаќа целосна санација на инфраструктурата на оваа сообраќајница долга околу еден километар.
Според надлежните, градежните активности започнале на првата делница, која се протега од улицата „Димитар Влахов“ до улицата „Илинденска“. Проектот вклучува реконструкција на мешовитата канализација, водоводната мрежа и коловозот.
За реконструкцијата на канализациониот систем се предвидени околу 12.148.109 денари, за обновување на водоводната линија околу 4.991.136 денари, додека за коловозната конструкција се планирани 20.146.392 денари.
Проектот е дел од пошироката програма за развојни планови и се реализира врз основа на договор со Министерството за транспорт, со средства обезбедени преку кредитна линија од унгарскиот финансиски пакет од вториот владин повик.
Од локалната самоуправа информираат дека подготовките за овој проект започнале пред околу две години, со изработка на проектна документација и обезбедување на потребните средства за реализација.
Во рамки на инфраструктурните планови за 2026 година, Општина Битола предвидува инвестиции од над 900 милиони денари за различни проекти, додека за култура се издвојуваат околу 40 милиони денари, што претставува околу 1,9 проценти од вкупниот општински буџет.
Проектот за улицата „Дебарска“ се очекува да придонесе за подобрување на сообраќајната безбедност и комуналната инфраструктура во овој дел од градот.