Мицкоски: Битола останува меѓу главните приоритети на Владата

Премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска извршија увид во градежните активности на новото подрачно училиште во населбата „Буковски Ливади“, кое ќе функционира во состав на ООУ „Коле Канински“.

Новиот училишен објект се гради на површина од 400 квадратни метри и ќе располага со пет современи училници, библиотека, медиотека, наставничка канцеларија, санитарни и други придружни простории. Вредноста на инвестицијата изнесува 31,47 милиони денари, а рокот за изградба е 270 дена.

Со реализацијата на овој проект, повеќе од 80 ученици од населбата „Буковски Ливади“ ќе добијат можност наставата да ја следат поблиску до своите домови, без потреба од секојдневно патување до централното градско подрачје.

Министерката Весна Јаневска посочи дека Министерството за образование, заедно со Владата и локалната самоуправа, во Битола реализира повеќе инфраструктурни проекти со цел подобрување на условите за образование. Градоначалникот Коњановски нагласи дека паралелно се инвестира и во спортската и енергетската инфраструктура во училиштата.

Премиерот Мицкоски порача дека Владата продолжува со реализација на конкретни проекти кои се од значење за граѓаните.

„Од името на Владата можам да кажам дека Битола е и ќе остане еден од нашите главни приоритети“, истакна Мицкоски, додавајќи дека инвестициите во образованието, инфраструктурата и економскиот развој ќе продолжат и во иднина.

Во рамки на посетата на Битола, премиерот ја посети и фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Индустриската зона Жабени, каде се запозна со производствените активности и развојните планови на компанијата. Тој нагласи дека поддршката за компаниите, отворањето нови работни места и создавањето услови за економски раст остануваат важен дел од владините политики.


1152

Задолжително

Verified by MonsterInsights