„Комуналец“: Тревната површина на стадионот „Петар Милошевски“ се обновува, сите прскалки се во функција
ЈП „Комуналец“ – Битола информира дека веднаш по завршувањето на концертите на стадионот „Петар Милошевски“ започнала репарацијата и обновувањето на тревната површина.
Од претпријатието посочуваат дека Општина Битола и ЈП „Комуналец“, во соработка со организаторот на концертите, пред нивното одржување ги презеле потребните мерки за подготовка на теренот, а по завршувањето на настаните започнале активности за негово враќање во првобитната состојба.
„Комуналец“, како јавно претпријатие кое стопанисува со стадионот, реагира на, како што наведува, повеќе дезинформации објавени на интернет-портали и уверува дека нема простор за загриженост во однос на состојбата на теренот.
Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија и Општина Битола, службите задолжени за одржување на теренот започнале со работа уште следниот ден по концертите.
Од претпријатието информираат дека обновувањето на тревната површина се одвива континуирано и согласно планираната динамика.
„Сите прскалки на стадионот се во функција, а обновувањето се одвива согласно планираната динамика и ќе биде завршено во многу краток рок“, велат од ЈП „Комуналец“.
Оттаму уверуваат дека теренот ќе биде соодветно подготвен по завршувањето на предвидените активности.