Чалгија, мерак и староградски дух
Битола на 14 и 15 август ќе живее во ритамот на чалгијата! Градот за првпат добива фестивал посветен на традиционалната битолска чалгиска музика – „Битолски чалгиски денови“.
Дводневниот фестивал, кој е дел од БИТ ФЕСТ, ќе ја врати чалгијата таму каде што со децении се создавале и пренесувале музичките приказни на Битола – во чаршијата и старите градски амбиенти.
Програмата започнува на 14 август во 11 часот во Офицерскиот дом со семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски. Во 18 часот следува атрактивно пајтонско дефиле по Широк Сокак.
Вечерта, кај „Монмартр“ во Старата Чаршија, ќе настапат Чапче и Тајфата, Филип Шурбевски Езгија Квартет, „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
На 15 август, чалгискиот мерак продолжува со Чапче и Тајфата, а вечерта ќе заврши со настапот на Битолскиот Чалгиски Оркестар.
Првото издание на фестивалот има амбиција да прерасне во нова битолска традиција и да ги приближи звуците на староградската чалгија до новите генерации.
Два дена чалгија. Два дена мерак. Една Битола!