ЧАЛГИЈАТА ПОВТОРНО ЗАЖИВЕА ВО СРЦЕТО НА СТАРА БИТОЛА
Со музика, традиција и прекрасна енергија која ја исполни Старата битолска чаршија, заврши првото издание на „Битолски Чалгиски денови“ – фестивал посветен на чалгијата, организиран од ЈОУ Културно-информативен центар – Битола, во рамките на Битолското културно лето „Бит Фест“, во соработка со Општина Битола.
Два дена Битола живееше во ритамот на чалгијата, а Старата битолска чаршија повторно заживеа – исполнета со музика, луѓе, светлина и препознатливиот дух на стара Битола.
Фестивалот покажа дека кога традицијата ќе се врати на улиците и во просторите каде што некогаш живеела, чаршијата повторно го добива својот препознатлив печат.
Од првите фестивалски звуци на „Чапче и Тајфата“, преку Филип Шурбевски Езгија Квартет, „Мерак Чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков, па сè до настапот на „Љубојна“ и Битолскиот Чалгиски Оркестар, публиката имаше можност да ја почувствува чалгијата во различни музички изрази – од автентичната традиција до современите сценски интерпретации.
Фестивалот започна со едукативниот семинар „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски, а вториот фестивалски ден донесе и пајтонско дефиле по Широк Сокак, внесувајќи ја чалгиската приказна и во срцето на градот.
Фотографиите од двете фестивалски вечери најдобро ја раскажуваат приказната – за чаршија повторно полна со живот, за град кој ја чува својата традиција и за Битола која блеска во својата препознатлива светлина.
„Битолски Чалгиски денови“ покажаа дека традицијата не е само спомен од минатото. Таа може повторно да живее, да се слуша и да го исполнува градот.
Битола ја врати чалгијата таму каде што отсекогаш ѝ било местото – во срцето на градот.