„Љубење со стихови“ повторно го исполни центарот на Прилеп
Стихови, поезија и убавината на македонскиот збор синоќа го исполнија платото пред Градскиот саат во Прилеп, каде што се одржа осмото издание на поетскиот перформанс „Љубење со стихови“, во организација на прилепското здружение „ЗОКУМ“.
Пред многубројната случајна и неслучајна публика, поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска претставија дел од својата авторска поезија, но и избор од творештвото на познати македонски поети од различни генерации.
Во срцето на Прилеп одекнаа стиховите на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Јован Котески, Светлана Христова Јоциќ, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева.
Креаторите на „Љубење со стихови“ и во ова издание понудија нов концепт, внимателно градејќи го редоследот на песните така што тие заедно создаваат своевидна поетска приказна. Особено внимание, како и досега, беше посветено на откривањето и повторното оживување на по некој заборавен бисер од македонската поезија.
Овојпат акцентот беше ставен на две значајни имиња од почетоците на современата македонска женска поезија – Даница Ручигај и Евгенија Шуплинова.
Даница Ручигај се смета за првата македонска поетеса со објавена поетска збирка – во 1960 година, додека само неколку месеци подоцна, истата година, својата прва збирка ја објавува и Евгенија Шуплинова, по потекло од Тополчани, Прилепско.
На поетската вечер прозвучеа и стихови од „Антологија на копнежот“, приредена од поетесата Виолета Танчева Златева.
Посебно внимание привлече и премиерното претставување на песната „Како тревата“ од Филип Димкоски, која е објавена во двојазичната македонско-романска антологија „Мојата песна се фрла од мост“ – прва антологија на македонска поезија објавена во Романија.
Со осмото издание, „Љубење со стихови“ уште еднаш покажа дека поезијата може да излезе од книгите и библиотеките и да стане дел од градскиот простор, да стигне и до оние кои случајно ќе застанат, ќе слушнат стих и ќе останат.
Од „ЗОКУМ“ најавуваат дека активностите продолжуваат до крајот на годинава. Предвидени се промоции на книги и изложба, додека следното издание на „Љубење со стихови“ е планирано за февруари идната година.
