Битола продолжува да се движи кон „велоград“: Над 2 километри нови велосипедски патеки
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска најави продолжување на проектот „Битола-велоград“ со изградба на нови велосипедски патеки во градот.
Како што информира Коњановски, на досегашните околу пет километри велосипедски патеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ ќе им се придружат уште над два километри патеки во просторот на поранешната касарна.
Паралелно, во тек е подготовка на проектна документација за изградба на велосипедски патеки и на едната страна од улицата „Филип Втори Македонски“.
„Со ова го реализираме ветеното за Битола велоград“, порача Коњановски, посочувајќи дека целта е создавање поголема мобилност и подобри услови за користење велосипеди како превозно средство.
Најавата доаѓа во период кога во Битола се одбележува „Европската недела на мобилност“, манифестација посветена на одржливиот транспорт, мобилноста и подобрувањето на условите за движење низ градот.
Од локалната самоуправа велат дека продолжуваат со активности насочени кон подобрување на уличната инфраструктура, со акцент на безбедноста, пристапноста и мобилноста на граѓаните.