„Македонски рубин“ од природно богатство до заштитен бренд

„Македонски рубин“ добива институционална рамка која треба да овозможи неговото име да биде заштитено, а неговото потекло и квалитет да бидат потврдливи за секој купувач. Географскиот назив веќе е правно заштитен, а со формирањето на Комисијата за контрола на квалитетот и посебните својства се воспоставува систем на стручна контрола, следење и сертификација.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска посочува дека со овие чекори се создава основа природното богатство да добие поголема економска и пазарна вредност, но и заштита од злоупотреба на името.

Според најавите, називот „Македонски рубин“ ќе може да се користи само за производи кои ги исполнуваат утврдените услови. Во следната фаза е предвидено и воведување QR-код, преку кој потрошувачите ќе можат да добијат информации за потеклото на производот, исполнувањето на условите и неговата сертификација.

Паралелно се работи и на создавање услови за меѓународна заштита на „Македонски рубин“ преку Лисабонскиот систем. Со тоа, заштитата на називот би требало да се прошири и надвор од националните граници.

„Природата ни го дала ова богатство. Нашата задача е да создадеме систем во кој зад името „Македонски рубин“ ќе стојат автентично потекло, проверен квалитет, јасен стандард и институционална гаранција“, истакнува Божиновска.

Со воспоставувањето на системот за контрола и сертификација, целта е „Македонски рубин“ постепено да се издвои како производ со јасно потекло и препознатлив квалитет, а природното богатство да добие поголема вредност и потенцијал за национална и меѓународна афирмација.


1088

Задолжително

Verified by MonsterInsights