ВО РОВИЊ ПРЕТСТАВЕН ФИЛМСКИОТ ПРОЕКТ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ
Филмскиот проект за Тоше Проески, зад кој стои ОХО Продукција, за првпат беше јавно претставен на Weekend.19 во Ровињ. Во рамките на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“, продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин открија детали за проектот, кој се развива како игран филм, играна серија и документарна серија.
Фокусот не е само на музичката кариера на Тоше, туку и на човекот зад јавната слика. Авторскиот тим повеќе години истражува, разговара со луѓе кои го познавале и собира сведоштва и архивски материјали.
Како клучна насока во проектот е издвоена реченицата од последното интервју на Тоше: „И јас би сакал да го знам тој Тоше.“
„Сакам да го најдеме токму тој Тоше, момчето од Крушево, човекот зад гласот, концертите и митот“, рече Стоименов.
Претставувањето во Ровињ беше првиот јавен поглед во проектот, кој допрва треба да ја раскаже приказната за еден од најпрепознатливите музичари од регионот.
Приказната сите ја знаеме. Филмот сè уште никој не го видел.