ФОН ДЕР ЛАЈЕН ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ: ВО ФОКУСОТ Е ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пристигнува во Скопје во рамки на турнејата низ Западен Балкан.
Фон дер Лајен ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, со кого ќе одржи и заедничка прес-конференција, како и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Во фокусот на разговорите се очекува да бидат европската перспектива на Северна Македонија, пристапниот процес и односите со Бугарија.
Во пресрет на посетата, Мицкоски порача дека Владата е подготвена за разговор и изнаоѓање решение.
„Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, изјави Мицкоски.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, посочи дека Скопје сака решение со Софија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во евроинтегративниот процес, но дека во актуелните околности нема услови за уставни измени.
Посетата на Фон дер Лајен е дел од нејзината регионална турнеја, во рамки на која претходно ги посети Албанија, Црна Гора и Косово. Србија и Босна и Херцеговина не се дел од актуелната агенда поради претстојните избори.