Во СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола отворени Младинско катче и Кариерен центар
Учениците од битолското економско училиште „Јане Сандански“ добија нов простор за дружење, креативност, младински активности и професионално насочување. Младинското катче и Кариерниот центар, кои свечено беа пуштени во употреба во присуство на градоначалникот Тони Коњановски, се резултат на иницијативата и трудот на самите ученици.
Посебната вредност на овој проект е во тоа што уредувањето и опремувањето на просторот се дело на учениците, кои со заедничка работа, идеи и посветеност создадоа место во кое ќе можат да ги реализираат своите иницијативи и да ги развиваат креативните способности. Во процесот значајна поддршка имал и нивниот професор и координатор Целе Јолевски.
Покрај младинското катче, во рамките на центарот ќе функционира и Кариерен центар со кариерен советник, кој ќе им помага на средношколците полесно да ги препознаат своите интереси и способности, да се информираат за можностите за продолжување на образованието и да го направат првиот чекор кон изборот на својата професија.
Градоначалникот Коњановски ја поздрави иницијативата, нагласувајќи го значењето на просторот во кој младите ќе можат слободно да ги изразуваат своите идеи и активно да учествуваат во училишниот и општествениот живот.
Со отворањето на центарот, СОЕУ „Јане Сандански“ добива не само нова просторија, туку и место во кое учениците ќе имаат можност да учат преку иницијатива, соработка и практично искуство.