„Безбеден град“ награден во Дубаи – Македонија доби светско признание за сообраќајната безбедност
Проектот „Безбеден град“ доби меѓународно признание на Светскиот полициски самит во Дубаи. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја прими наградата „Excellence in Road Safety“, како потврда за реформите и современиот пристап на Македонија во унапредувањето на сообраќајната безбедност.
Наградата му беше врачена на свечената церемонија World Police Summit Awards 2026, во Обединетите Арапски Емирати, објави 4news.mk.
Проектот „Безбеден град“ претставува системски пристап кој ги обединува современите технологии, законските измени, автоматското регистрирање на сообраќајните прекршоци и дигитализацијата на постапките. Неговата основна цел е намалување на сообраќајните несреќи, зголемување на дисциплината и заштита на човечките животи.
Покрај приемот на наградата, Тошковски се обрати и на отворањето на самитот, каде ја истакна важноста на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици.
Како пример за успешна соработка ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и американското ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал. Според него, активностите на македонските институции придонеле за заштита на дигиталната безбедност на граѓаните во САД.
„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници“, порача Тошковски.
Од МВР оценуваат дека признанието од Дубаи е поттик за продолжување на реформите и модернизацијата на полициското работење, но и меѓународна потврда за значењето на новите технолошки решенија во градењето побезбедно општество.