Коњановски на средба со новиот турски амбасадор Алпер Акташ
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, оствари работна средба со новиот амбасадор на Република Турција во Македонија, Алпер Акташ, на која беа потврдени добрите билатерални односи и можностите за нивно понатамошно продлабочување.
На средбата, Коњановски му посака добредојде на амбасадорот во Битола и го запозна со градот, неговото богато културно-историско наследство, традицијата и потенцијалите за развој.
Беше разговарано и за досегашната успешна соработка меѓу Битола и Турција, особено за партнерските односи со збратимениот град Бурса, како основа за нови иницијативи и зајакнување на врските на локално ниво.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во економијата, културата и туризмот. Турските туристи се меѓу најбројните странски посетители на Битола, што дополнително ја нагласува важноста од развивање на туристичките врски и промоцијата на градот.
На крајот од средбата, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Акташ изразија подготвеност за продолжување на редовната комуникација и интензивирање на соработката, со цел создавање нови можности за развој и зајакнување на пријателските односи.