Општина Битола со јавен повик за „Зимска приказна 2027“ – пријавувањето до 2 декември

Општина Битола објави јавен повик за избор на субјекти кои ќе учествуваат во организацијата и реализацијата на културни и туристичко-промотивни активности во рамките на новогодишната манифестација „Зимска приказна 2027“.

Целта е збогатување на празничната понуда во градот преку разновидни културни настани и содржини, кои ќе придонесат за новогодишната атмосфера и привлекување посетители во Битола.

Право на учество имаат сите домашни правни и физички лица кои работат во областа на културата и културниот туризам. Настаните ќе се реализираат во периодот од 21 декември 2026 до 7 јануари 2027 година.

При изборот на проектите, Комисијата за селекција и евалуација ќе ги земе предвид претходното искуство на апликантите, квалитетот, јасноста, аргументираноста и иновативноста на предлозите, професионалната подготовка на програмата, како и очекуваното влијание врз локалната заедница.

Посебно внимание ќе се посвети на вклучувањето млади автори, новите креативни идеи, професионалната екипираност, соработката со други општествени сегменти и примената на современи технологии во туристичката промоција.

Важен услов е секое физичко или правно лице да може да аплицира само за еден настан или проект. Апликациите мора да бидат целосно електронски пополнети, бидејќи нецелосните пријави ќе бидат одбиени.

Одобрените финансиски средства ќе се исплатуваат по реализацијата на настанот, со доставување на наративен и финансиски извештај, најдоцна до 15 февруари 2027 година.

Пријавувањето се врши со доставување на потпишана и заверена апликација, скенирана на електронската адреса zimskaprikazna@bitola.gov.mk или лично во архивата на Општина Битола, шалтер број 3.

Крајниот рок за доставување на апликациите е 2 декември 2026 година (среда), до 23:59 часот по електронски пат, односно до 15:30 часот за физичко доставување.

За дополнителни информации е достапен телефонскиот број 047/208-347.

Повеќе информации, јавниот повик и потребната документација се достапни на официјалната интернет-страница на Општина Битола:
https://www.bitola.gov.mk/javen_povik_zimska_27/


1029
Verified by MonsterInsights