Општина Битола ќе субвенционира дел од трошоците за возачки испит за младите
Општина Битола објави јавен повик за финансиска поддршка на младите жители кои поради привремениот прекин на работата на Испитниот центар за возачки испити во Битола биле принудени да полагаат во други градови.
Со оваа мерка локалната самоуправа има за цел да им ги надомести дел од дополнителните финансиски трошоци на младите битолчани, кои настанале поради неможноста возачкиот испит да го полагаат во својот град. Наместо во Битола, кандидатите морале да се пријават и да го реализираат полагањето во друг испитен центар надвор од општината, што за нив значело дополнителни трошоци.
Според условите од јавниот повик, секој барател кој ќе ги исполни предвидените критериуми ќе добие еднократна финансиска поддршка во фиксен износ од 6.000 денари бруто.
За реализација на оваа мерка Општина Битола има предвидено вкупно 300.000 денари, средства со кои ќе можат да бидат опфатени најмногу 50 корисници. Поддршката ќе се доделува до целосно исцрпување на предвидениот буџет.
Заинтересираните млади лица кои имаат живеалиште на територијата на Општина Битола можат да поднесат барање во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, согласно условите и потребната документација утврдени во повикот.
Со оваа мерка Општина Битола настојува делумно да го ублажи финансискиот товар што го понесоа младите кандидати поради привременото нефункционирање на испитниот центар во градот.