Битолската кугларска сала добива нова опрема за одржување на професионални и меѓународни натпревари
Општина Битола обезбеди нова опрема за кугларската сала во спортската сала „Боро Чурлевски“, постапувајќи по барањето на Кугларскиот клуб „Пелистер“ од Битола. Со оваа набавка се подобруваат условите за работа и тренинг, како за активните куглари, така и за граѓаните кои куглањето го практикуваат рекреативно.
Станува збор за опрема неопходна за нормално и континуирано функционирање на кугларската сала, која има лиценца за организирање и одржување меѓународни натпревари. Нејзиното одржување во соодветна техничка и функционална состојба е особено важно за клубот, но и за спортскиот имиџ на Битола, која има традиција во кугларскиот спорт.
Поддршката на локалната самоуправа за подобрување на условите во салата продолжува и оваа година, по инвестициите реализирани во претходниот период. Целта е да се обезбедат потребните услови за редовно одвивање на тренажниот процес, развој на кугларскиот спорт и организирање натпревари на највисоко ниво.
Како што посочија градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, со континуираните вложувања се настојува кугларската сала да ги задржи стандардите и лиценцата што овозможуваат во Битола да се одржуваат и меѓународни спортски натпревари.
Обезбедувањето на новата опрема претставува уште еден чекор кон подобрување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за кугларите, но и за сите љубители на овој спорт во Битола.