Отворен повик за млади инженери во Битола: можност за двегодишен ангажман во комуналниот сектор

Младите инженери од Битола имаат можност да се вклучат во проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“ (REU MKD), кој објави оглас за ангажирање инженери за поддршка на проектните активности во повеќе градови во земјава.

Огласот се однесува на млади лица до 30 години, а ангажманот ќе се реализира во едно од јавните комунални претпријатија во Берово, Битола, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица или Виница. Предвиденото времетраење е 24 месеци, со обновување на договорот на секои шест месеци.

Главниот фокус на работата ќе биде намалување на загубите на вода и подобрување на енергетската ефикасност во системите за водоснабдување и отпадни води. Во проектот можат да се пријават кандидати кои се на магистерски студии на технички факултет, студенти во завршна година или лица кои дипломирале во последните две години во областа на инженерството за животна средина, електротехниката, машинството, градежништвото и други соодветни инженерски области.

Од кандидатите се очекуваат познавања за прибирање и анализа на податоци, подготовка на техничка документација и извештаи, како и добро познавање на компјутерските алатки, особено Excel, Word и PowerPoint. Потребно е одлично познавање на македонскиот и најмалку Б2 ниво на познавање на англискиот јазик. Предност ќе имаат кандидатите со основни познавања од водоснабдувањето, системите за отпадни води и енергетската ефикасност.

Избраните инженери ќе соработуваат со проектните координатори, техничкиот персонал на комуналните претпријатија и домашни и меѓународни експерти. Работните активности ќе опфатат анализа на загубите на вода, изработка на воден биланс, енергетски прегледи, подготовка и спроведување технички мерки, прибирање податоци и активности за подигање на јавната свест.

Покрај практичниот работен ангажман, проектот предвидува обука на работното место и менторство од македонски и швајцарски експерти, учество на работилници и размена на професионални искуства. Предвидени се и теренски посети во подрачјето на доделеното претпријатие, како и повремени патувања во другите градови вклучени во проектот и во Скопје.

Заинтересираните кандидати треба да достават ажурирано CV, мотивациско писмо и копии од дипломи, сертификати или потврда за тековни студии. Пријавите се испраќаат на електронската адреса reu.mkd@gmail.com, со назнака во предметот: „Application – Име Презиме – посакувана локација“.

Крајниот рок за пријавување е 1 декември 2026 година, до 23:59 часот. На интервју ќе бидат повикани само кандидатите кои ќе влезат во потесниот избор.

За младите инженери од Битола, ова претставува можност за стекнување практично искуство, работа со домашни и меѓународни експерти и професионално усовршување во областа на водоснабдувањето, комуналната инфраструктура и енергетската ефикасност.


1049
Verified by MonsterInsights