Светиот апостол Филип – еден од дванаесеттемина Христови ученици
27 ноември – Ден посветен на светиот апостол Филип
На 27 ноември православната црква го чествува светиот апостол Филип, еден од дванаесеттемина апостоли и непосредни ученици на Исус Христос. Според црковното предание, тој бил роден во Витсаида, покрај Галилејското Езеро, исто како апостолите Петар и Андреј.
Уште од младоста го познавал Светото писмо, а кога Христос го повикал да тргне по Него, Филип без двоумење го прифатил повикот. По слегувањето на Светиот Дух, започнал со ширење на христијанското учење, проповедајќи го Евангелието во различни краишта на Азија и Грција.
Во својата мисионерска дејност се соочувал со силни противења и прогонства, но продолжил да го шири христијанството и да им помага на луѓето. Црковното предание му припишува бројни чуда и исцеленија, преку кои многумина го прифатиле Христовото учење.
Особено се издвојува неговата мисија во фригискиот град Јерапол, каде што дејствувал заедно со апостолите Јован Богослов и Вартоломеј, како и со својата сестра Маријамна. Таму, според преданието, се спротивставиле на паганските обичаи и на почитувањето на една змија како божество. Нивната мисија предизвикала гнев кај локалното население, по што Филип бил фатен и распнат на крст.
Светиот апостол Филип пострадал во 86 година, за време на владеењето на римскиот цар Дометијан. Неговото дело останало запаметено во христијанската традиција како пример за вера, пожртвуваност и истрајност во ширењето на христијанството.
Неговите мошти подоцна биле пренесени во Рим.
Православната црква го чествува светиот апостол Филип како еден од значајните проповедници на Христовото учење, чиј живот и страдање оставиле трајно место во историјата на христијанството.