March 1, 2024

Поетска творба добивме од НОВЕ БОГОЈЕСКИ од Прилеп

     СТАРИОТ КОСТЕН

Од високиот стогодишен костен
падна и последниот пожолтен лист
испечен од летните сончеви зраци,
нагризан од студените есенски утра.

Остана стариот костен сосема сам
во големиот жолто-зелен тревник
да ја чека студената снежна зима
со остри заби како запци од пила.

Силен е тој костен со широка крошна,
со високо,мазно,вретенесто стебло,
силен е тој,навикнат на суша и студ,
осамен и горд сведок на минатото.

Во него вековни тајни се збрани,
вечерни седенки и детски игри,
љубовни пораки,веселби и песни,
многу паднати лисја,многу желби.

Сега тој е осамен,гол и тажен,
нестрпливо ја чека раната пролет
да го облече своето ново руво
и пак да биде тој силен,зелен цар.

Нове Богојески

1017