Поетска премиера за Вера Искова од Прилеп
И благодариме на почитуваната Вера Искова, библиотекарка од Прилеп, што се одлучи своето прво појавување во поетската јавност го направи преку објавување на песна преку порталот ПелаНет. Вера веќе неколку години пишува поезија и до сега има напишано околу 50 песни.
Ја објавуваме нејзината песна Време-невреме и и посакуваме уште многу вакви убави песни да пишува и објавува во иднина.
Време-невреме
Дотука било!
Луѓе вомјазени, со дух паднати,
се влечат по правта на сопствената обезличеност,
си ги газат корените.
И крвта на претците засирена на оваа грутка земја
не ја гледаат,
не ја мирисаат,
не ги боли!
Трипати до утрини се одрекуваат од Мајка си Земја,
како апостолите од Христа
и пак прави се прават пред светот
и јунаци најсилни
и праведници најголеми!
О, тажно и мачно!
И луѓе плиткоумни
и луѓе богохулни
кои совест немаат,
па дупка во градите наместо срце им зјае
шуплина уште поголема од очи им демне,
та поглед не можеш да им фатиш,
оти погледот, за да го фатиш,
душа – зад него треба да стои!
Автор : Вера Искова