December 5, 2022

Поезија: Елизабета Станоеска и „Мајка ми“

МАЈКА МИ

Ги вкрсти рацете,
за никого веќе
да не прегрнеш,
мајко.
Ги вкрсти
твоите нежни раце,
кога младоста
ти мирисаше,
на најубавите рози,
кои тој ти ги засади…
Засади,
разубави,
најубави градини,
со најпрекрасни зумбули,
јорговани,јасмини,трендафили,
а потоа си замина.
И ниеден цвет
од градините,
убавината твоја
не ја надмина.
А ти,
го прегрна,
неговото вечно почивалиште.
Овенаа цветовите…
Овена и ти,
моја мила мајко.
Осамена,заморена,
од избрoените чекори,
од тука до таму,
по стопати.
Со години.
Така осамена
и кога не одиш на гробот,
како да си била.
О, црнила,
о, болко.
За чија ли убава
младост да жалам!
Тој црна земја се стори,
ти црна остана вдовица.
Сама,
како жолтиот
последен лист во есента.
Зацрнел гробот.
Сред бел ден
таму,
темница се гледа.
И црни гробови,
разнишани…
Талог црн
од смртното време
врз мермерот се вези,
од ден на ден.
Заборав,
заборав се навезол
со црни дамки.
А мене ми се лепат,
за студената болка
во душава.
Црнила ти мајко прегрна.
Убавино,
уште колку тага
ќе искапи по него….
Бури,
немилосрдно удираа,
во сите натежнати години.
Ти ме штитеше мене,
јас те штитев тебе.
Какви ли,
сеништа злобни не гонеа…
Понекогаш,
застанувавме и
гушнати чекавме,
бурата силна,
удираќи,
по нашите нејаки грбови,
да стивне…
Понекогаш,
трчавме, бегавме, се криевме,
сеедно,
остануваше пустош во душата
и влага во очите.
О мила моја,
нежна мајчице,
знам,ќе речеш…
…ве имам вас,
среќна сум јас…
Силна жено,
царице,
мајко моја,
тврдино непокорена.
Така горда и бестрашна,
низ времето
на кое пркосеше,
горда
ме направи и мене
Твоја силна Амазонка.
Во душата,
богатството
недопрено ни остана.
Тврдина до тврдина останавме.
А јас,
јас учев,
од нежноста во твоите очи
што значи љубов,
учев,
од твоите топли раце,
како да прегрнам,
учев,
од твоите песни,
да ја споделам радоста,
учев,
од зборовите твои,
за мудроста…
Учев и сеуште учам,
учителке мила, блага…
Ти непокоро,
со младешки очи,
насмевка убава и топла…
Убавино
и во староста млада,
мила моја мајко,
пратилке животна најдрага.

Елизабета Станоеска
од збирка поезија
“СТАПКИ ВО ПЕСОКТА”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *