March 29, 2024

АТЕНТАТОТ ВО МАРСЕЈ: “КРАЛУ АЛЕКСАНДРУ, ЕВЕ ТИ ЈА МАКЕДОНИЈА!“

Денес навршуваат 88 години од настанот кој го потресе светот минатиот 20. век. На 9 октомври 1934 година, во Марсеј, атентаторот на ВМРО Величко Димитров Керин или Владо Черноземски изврши атентат врз Александар Караџорџевич – кралот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Кралство Југославија.
Овој атентат важи за еден од најдобро организираните во XX век и претставува врв на сите убиства извршени од страна на ВМРО.
Со поделбата на Македонија после Првата светска војна, Вардарскиот дел на Македонија стана дел од новоформираната држава – Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Кралство Југославија, на чие чело беше српскиот крал Александар Караџорџевич. Во Кралството СХС, Македонците ги нарекуваа “Јужни Срби“, а Црногорците дури не се ни спомнуваа.
Со Уставот на Кралството на СХС од 1921 година се озакони српскиот хегемонизам: Југославија се претвори во воено-полициска држава со корумпирана администрација, полициско самовластие и беззаконие, тероризирани беа сите не-српски народи… Во тоа време во Кралството СХС била воведена диктатура и целата власт била во рацето на кралот и војската. Од вкупно 18.000 припадници на жандармеријата на Кралството Југославија, во Македонија биле стационирани и ангажирани дури 12.000! Спрема непризнатите народи биле спроведувани геноцидни политики, на кои им се одрекувало правото на образование на мајчин јазик, своја култура, автономно или национално самоопределување. Меѓу тие народи во таа Југославија бил и Македонскиот народ. Ова било причина за отпорот, непријателството и оружените пресметки меѓу ВМРО и тогашните власти.
Наспроти српскиот хегемонизам во Кралството СХС, во 1921 година хрватските политички партии се обединуваат во еден блок предводен од лидерот на Хрватската селанска партија, Стјепан Радиќ, кој активно се залагал за федеративен поредок во државата. Во 1922 година Стјепан Радиќ испраќа меморандум до Светската Конференција против српската тиранија. Србите тоа нема никогаш да му го заборават и набрзо, на 20 јуни 1928 година, Стјепан Радиќ е застрелан во Собранието од српскиот пратеник Пуниша Рачиќ. Ова убиство поттикнува големи демонстрации во Хрватска. Борбата за слободна и независна Хрватска ја продолжува д-р Анте Павелиќ, кој формира Хрватска револуционерна организација “Усташи”. Македонија и Хрватска, преку своите национални револуционерни организации ќе се обединат и ќе застанат во ист фронт, лице в лице со заедничкиот непријател – Србија! Како резултат на оваа соработка, следува атентатот врз кралот Александар Караџорџевич во Марсеј, Франција, кој силно ќе го потресе светот.
За оваа цел, две години претходно, на барање на Хрватската револуциуонерна организација, ВМРО го испраќа Величко Димитров Керин, познат како Владо Черноземски, кој важел за еден од најопасните атентатори на ВМРО, да им биде инструктор на лицата кои се подготвувале за атантат врз кралот Александар Караџорџевич. По обемните подготовки биле избрани тројца кои заедно со Владо Черноземски требале да го извршат атентатот врз кралот Александар Караџорџевич.
На 9 октомври 1934 година југословенскиот крал Александар Караџорџевич пристигнал во Марсеј со бродот “Дубровник”, на својата прва службена посета на Франција. Целта била пред светот да се демонстрира цврстиот сојуз помеѓу Франција и Кралството Југославија, поради што доаѓањето на кралот било проследено со големи свечености.
Француската делегација предводена од Министерот на морските сили Пиетри, го поздравила гостинот од името на францускиот претседател на палубата на бродот. Кралот слегол од бродот со адмиралска униформа и таму бил пречекан од францускиот министер за надворешни работи Луи Барту. Поздравен говор е прочитан од генералот Жорж, кој за време на Првата светска војна се борел заедно со Српската војска на Македонскиот фронт. После говорот, кралот Александар Караџорџевич влегол во автомобил кој го чекал и се упатил кон општината каде се очекувал официјалниот пречек. До кралот Александар Караџорџевич седел францускиот министер за надворешни работи Луи Барту, а на резервното седиште генералот Жорж. Возачот на автомобилот свирел, со цел граѓаните на Марсеј да го видат и да го поздрават гостинот.
Во следниот автомобил бил југословенскиот министер за надворешни работи Богољуб Јефтич со францускиот министер на морските сили Пиетри, потоа следеле луѓето од кралската свита и одборот за пречек. Поради проблем со морската болест, кралицата Марија во Франција допатувала со воз.
Барту се трудел да го потисне својот неспокој, затоа што неколку дена наназад во Париз се слушале разговори за можен атентат, за тоа пишувале и весниците “Парис миди” и “Пари Соар”. Од двете страни на патот по кој се движел кордонот со кралот, биле поставени 1.500 полицајци и агенти. Непосредната заштита на автомобилот била доверена на двајца коњанички офицери. Од непознати причини, во последен момент се променило решението за безбедност и кралскиот автомобил го следеле одред од мотоциклисти.
Кордонот се движел по средината на улицата “Ла Канебер” со минимална брзина на пешак. Тротоарите биле исполнети со граѓани. Од некои места се слушале аплаузи, а од други пак исвиркувања.
За жал, тројцата хрватски атентатори се предомислиле и побегнале, па Владо Черноземски решил сам да го изврши атентатот.
Кога колоната веќе навлегла на плоштадот, пред пазарот, зградата на берзата во градот, во 16.20 часот после пладне, од толпата народ помеѓу двајца полицајци скокнал убаво облечен маж со силна градба, кој протрчал покрај коњот на полковникот Пиоле викајќи “Да живее кралот”, скокнал на прагот на кралскиот автомобил и со револвер во букет цвеќе кој наводно сакал да му го даде на кралот, испукал двапати во градите на кралот Александар Караџорџевич кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во рака на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Прв кој пробал да го отргне атентаторот бил генералот Жорж, но и тој бил застрелан со неколку куршуми. Возачот Фуасак го запрел автомобилот и побегнал. Во тоа време, полковникот Пиоле со брзо движење успеал да го успокои и да го заврти коњот и со сабјата му нанесува два удари на Владо Черноземски кој паѓа на улицата и продолжува да пука. Полицијата која го штитела кралот, исто така, отворила оган кон атентаторот. Во невидениот хаос кој настанал на преполнетите улици, полицајците го фатиле атентаторот и му ги врзале рацете. Го однеле до најблиската полициска станица, каде што го подложиле на тортура и сослушување, кое траело до вечерта.
Куршумите кои биле упатени за кралот Александар Караџорџевич се покажале смртоносни и уште во автомобилот кралот ја изгубил свеста. Брзо го пренеле во префектурата, но тој за неколку минути умира. Министерот за надворешни работи на Југославија Богољуб Јефтиќ, подоцна ќе разгласи дека божем во последните мигови од својот живот кралот Александар Караџорџевич прошепотил: “Чувајте ми Југославију!”, а францускиот “Тан” ќе го доукраси кралскиот завет со: ”Пазете ми ја Југославија и пријателството со Франција”. Така, следбениците на кралот Александар Караџорџевич ќе ја дополнат митологијата на српскиот хегемонизам со уште една легенда.
Во настанатата гужва, над Барту се укажува прва помош, но неговата состојба се влошува и заедно со паднатиот во бесвест атентатор, со санитетско возило бил пренесен во најблиската болница. Таму му се прави успешна операција, но неговото срце не издржало и тој умира.
Генералот Жорж после петмесечно лекување оздравува, иако тешко ранет. Подоцна за настанот тој си споменува: ”Со револверот атентаторот манипулираше со таква прецизност и молскавична брзина, што ми остана во сеќавање, наспроти тоа што моментот беше трагичен”.
Без да дојде во сознание, атентаторот умира во 20.00 часот истата вечер во болницата. Во неговата облека му откриваат чешкословачки пасош на име Петер Келемен, револвер “Маузер” и “Валтер” и бомба. Всушност, станува збор за Владо Черноземски, кој на десната рака имал тетоважа со иницијалите на ВМРО: Череп, вкрстени коски и слоганот “слобода или смрт“. Владо Черноземски е погребан на 12 октомври 1934 година на марсејските гробишта во присуство на двајца детективи и гробари, но местото на погребот не е означено.
Атентатот во Марсеј е важен настан спроти Втората светска војна. Во него се преплетени дипломатските и политичките интереси на големите сили, меѓу кои и Италија и постојните проблеми меѓу државите од Југо-Источна Европа.

Народот испеал песна за кралот Александар.
https://www.youtube.com/watch?v=GhucXEmO1Yc
Слушај бре кралу
(За кралот Александар)
Ај големо чудо, чудо бре станало
на деветти октомври,
кралот ми тргнал, кралот Александар,
за во града Марсеја,
по море да оди, побргу да стигне,
сојуз да направи.
Ај што ми кинисал по море широко
со параходите.
Таму го пречекал министерот Барто
со генералите.
Сојуз ќе прават, сојуз душмански,
против жална Македонија.
Таму во кафана тројца Македонци
тока ми правеја,
Тока правеја, коцка фрлаја,
кој на кралот ќе пука?!
Тока правеја, коцка фрлаја,
кој на кралот ќе пука?!
Ајде малерозна коцка ми падна
на Владо Црноземски,
малерозна коцка ми падна
на Владо Црноземски,
ајде малерозна коцка ми падна
на Владо Штипјанчето.
Тогаш ми Владо букет в раце зеде,
пиштол внатре му стави,
пиштол внатре стави, почна пат да прави,
за до кралот да дојди,
и од букетот куршуми фрчат

кралот мртов падна.
Слушај бре кралу, кралу Александар:
“Еве ти ја Македонија!
Нека разбере цела Европа
дека постои Македонија!
Дека постои Македонија,
а не Јужна Србија!”

Пишува Тодор Петров


1034