April 19, 2024

Во новиот учебник по историја Монт Еверест е висок 29.305 метри

Во новиот учебник по историја за петто одделение стои дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Во лекцијата, пак, за Португалија згрешено е знамето на државата, каде што стои фотографија од шпанското знаме.

Во истиот учебник пишува дека највисокиот врв на светот – Монт Еверест на Хималаите, е висок 29.305 метри. Ако се преведат стапките во метри, тогаш – да, Монт Еверест има 29.035 стапки или 8.849 метри.

Министерството за образование и наука и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот.

Преку Националната комисија за учебници, како највисоко тело во процесот на одобрување учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите фактори во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.

„Во време кога се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно-образовен процес. Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите фактори што учествуваат во процесот за градење поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата“, велат од МОН.

Министерството упати апел до сите автори и рецензенти што во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и до членовите на Националната комисија за учебници, да ги подигнат личната одговорност и посветеноста затоа што во овие прилично комплексни процеси тоа од нив, единствено, и се очекува.


1032