February 1, 2023

МАКЕДОНЕЦ Е НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР ВО ШВЕДСКА ЗА 2022 ГОДИНА!

Шведскиот репрезентативец со македонски корени, Дејан Кулушевски, ја доби наградата Гулдболен (Златна топка) за најдобар шведски фудбалер во 2022 година.
Играчот на Тотенхем имаше одлична година и сосема заслужено за првпат во својата кариера ја доби оваа награда. Воедно, со своите 22 години тој е најмлад игач кој ја освојува оваа награда по легендарниот Томас Бролин во 1990.
“Целата година ми беше апсолутно фантастична. Дојдов во Тотенхем и се вратив во живот, си ја повратив гладта, љубовта и сето тоа само пролета. Чувствувам како се подобрувам, и ми е неверојатно забавно кога сум на теренот“, рече Кулушевски.
Тој во јануари од редовите на Јуве премина во Тотенхем и оттогаш во Премиер лигата постигна 6 гола и асистираше 13 пати на вкупно 28 натпревари.
Единствено поле на кое немаше успех е репрезентацијата на Шведска со која не успеа да се пласира на Мундијалот во Катар откако загуби од Полска во финалниот бараж во март. Годинава во жолто-синиот дрес одигра 7 натпревари, постигна 1 гол и 3 асистенции.
“Наградата Гулдболен на Шведската фудбалска асоцијација и дневниот весник Aftonbladet оди кај играч кој, со играчката интелигенција и зрелост, за кратко време прерасна во водечки играч во најсилната лига во светот“, рече Симон Банк додека го соопштуваше победникот.
“Се разбира, многу сум горд и среќен што ја добивам оваа награда. Многумина ми помогнаа на патот, кој беше исполнет со напорна работа. Горд сум што ја добивам наградава“, додаде Дејан Кулушевски.
Дејан Кулушевски е првиот Македонецд кој е играч на годината на европска земја, а да не е Македонија. Двајцата негови родители се од Охрид, а тој е роден во Шведска. Порано настапуваше за македонската репрезентација до 16 години, но потоа одлучи да ги брани боите на Шведска.
Дејан Кулушевски е вториот Балканец кој добива Гулдболен. Претходно тоа му успеа на Златан Ибрахимовиќ и тоа во дури 12 наврати, последниот пат во 2020 година.
Оваа награда датира уште од 1946 година, а прв освојувач е легендарниот Гунар Грен.
Дејан Кулушевски ја продолжи низата на играчи кои ја добиваат оваа награда, а не настапуваат во шведската лига. Последен играч од домашното првенство кој ја доби наградата е Роланд Нилсон во 1996 година, а тогаш настапуваше за Хелсинбориј.