April 18, 2024

ИЗБОРИ СЕ ИЗЛЕЗ ОД ДНОТО ВО КОЕ СЕ НАОЃАМЕ -Интервју со Д-р Олга Лозановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Почитувајќи ја традицијата ОК ВМРО-ДПМНЕ ја одбележа Нова Година според јулијанскиот календар или разговорно „стара нова година“, кадешто ПелаНет оствари средба со пратеничката

Д-р Олга Лозановска.

ПелаНет: Постојано сте на собирите кои ги организира Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а сите сме свесни на обврските кои ги имаат пратениците. Не Ви претставува тешкотија? Битола во минатото имала пратеници кои од моментот на избор заборавиле на градот.

Д-р Олга Лозаовска : Моите први активности ВО ВМРО ДПМНЕ, откако се формираа структурите на партијата започнаа точно во унијата на жени. И голема чест е да бидам дел од сите нив, точно на сите настани организирани од Унијата, со мали исклучоци, јас сум присутна. УЖ на ВМРО ДПМНЕ едноставно е моторот на партијата. Јас сум горда што сум дел од неа. Како пратеник сум избрана од граѓаните на Битола затоа чувствувам одговорност, па постојано сум на релација Битола и моето актуелно работно место во Скопје.

ПелаНет: 2022 беше бурна година за македонското собрание, отворени несогласувања со претседавачи на седници на комисии или Претседателот, посети од странски државници, комисиски расправи кои подоцна завршуваат со лично нетрпение меѓу пратениците. Кој/ што од настаните може да издвоите како најнегативен, а кој како најпозитивен?

Д-р Олга Лозановска: Пратеничката функција за мене досега претставува уривање на сите идеали што сум ги имала за тоа што е демократија. Пред да станам пратеник, мислев дека на пратениците им е многу лесно. Но исто така, очекував дека Собранието е врвот на демократијата, но и на примена на законите и Уставот. После две и пол години можам да кажам дека тоа е многу одговорна функција, од која зависи животот на секој еден граѓанин во Република Македонија. Но, за жал сведоци сме дека се случува непочитување и на Уставот и на законите и често нашата немоќ како опозиција. Таму сега за жал се носат одлуки од кои иднината на нашата држава се направи несигурна. Носењето на така важни одлуки се голем товар кој ќе го носи секој еден од нас пратениците без разлика што ние како пратеничка група или поетинечно не сме гласале за антидржавните одлуки. Една позитивна работа се случи во ова собрание, а тоа е гласањето на Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, која беше едногласно усвоена. Но, во текот на овие две години имаше многу немили настани.


ПелаНет: Што во 2022 година направивте како претставник на граѓаните од Битола, за Битола и Изборната единица 5?
Д-р Олга Лозановска: Во текот на изминатата година, но и од почетокот на нашиот мандат, со колешката Д-р Силвана Ангелевска, јас , и пратеничката група на партијата поднесовме многу амандмани кои би го подобриле животот на битолчани, но и на сите граѓани во југозападниот регион. Од почеток баравме од Буџетот да се издвојат пари за изградба на патот Битола-Прилеп, за изградба на нов експресен пат Битола – Меџитлија, средства за отворање на ископот Живојно,амандман на Буџетот и средства за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола како дел од потребата за развој на енергетскиот систем и превенција на енергетската криза. Власта од тоа ништо не прифати, амандманите не беа изгласани, па сега граѓаните знаат како врзуваат крај со крај со сметките за струја и колку пари троши државата за набавка на струја.

ПелаНет: Вие професионално доаѓате од секторот здравство.
Д-р Олга Лозановска: И од тоа што го предложивме за унапредување на здравството во Битола пратениците на мнозинството, без осет за потребите на Битола и пелагонискиот регион, ги отфрлија предлозите. Баравме средства за изградба на нова клиничка болница во Битола, па после средства за изградба на центар за аутизам во Битола, средства за изградба на ново заразно одделение во постојната болница. Ништо од тоа не беше прифатено кога ние го предлагавме како амандман. Замислете, теснопартиски гледаа и на барањето за набавка на нов ангиограф во Битола кој не е во функција повеќе од 4 години, од кога СДСМ е на власт. Баравме и средства за набавка на подвижен рентген апарат за одделението за радиодијагностика, за респиратори за САРИЛ при Клиничка болница Битола. И за здравјето на луѓето, ама и за развој на туризмот предлагавме издвојување на средства за изградба на водоводна мрежа во Могила, и, за реконструкција на детското одморалиште Пелистер. Не беа прифатени ниту амандманите на Буџетот за извојување средства за реконструкција на студен тските домови, енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, покачување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и за унапредување на науката и научно истражувачката работа, предлози што ги имавме како пратеничка група. Поднесовме предлог законски решенија за антикризните мерки, намалување на акцизата на горивата за 50%, одложување на прогресивното оданочување, викенд без ддв за прехранбени производи и многу други, за кои за жал власта немаше слух.
Затоа, откако е СДСМ на власт, РМакедонија се наоѓа во економска, здравствена, енергетска, политичка, национална криза.

ПелаНет: Обвинувањата од власта кон вас како пратеничка група и ВМРО-ДПМНЕ како партија се постојано во насока дека со блокирање на работата на Собранието всушност го блокирате развојот на државата. Последното непроменето обвинување е дека го блокирате комплетирањето на Уставниот суд. Што се случува, зошто не прифаќате Јовевски од обвинител да стане уставен судија?

Д-р Олга Лозаовска: На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. Од нив само двајца кандидати за уставни судии стигнаа на пленарна седница, нормално предложени од власта. Самиот избор на уставни судии е неуставен, затоа што на комисијата предлогот беше за тројца уставни судии и самиот предлог на крај мора да се гласа во целина за тројцата. По однос на предлогот господинот Љубомир Јовески да стане уставен судија, бевме сите пријавени за збор. Љубомир Јовески цело време молчел, не вршел надзор на обвинителството за организиран криминал и корпуција. Со еден збор ги штител криминалите на власта. На крај постапката за избор на уставни судии укажува на крајна политизираност, односно партизираност за судството. Затоа денес довербата во судството е 4%.

ПелаНет: Институтот „Пратенички прашања“ е постојано предмет на манипулација, кое е Вашето искуство?
Д-р Олга Лозановска: До сега имам поставено неколку пратенички прашања, на кои добивам одговори што би рекле ‘заокружено па на ќоше’. Еве еден пример. Последното пратеничко прашање ми беше поставено до министерот за транспорт и врски, господинот Бочварски, а се однесуваше на патот Битола-Меџитлија. Писмено ми беше одговорено дека веќе имало градежни активности на патот. Тоа беше во декември 2022година. На патот има поставено неколку ивичњаци, има една количка…тоа е за жал потценување на граѓаните. Патот го ветуваат од 2016година, како експресен пат, со три ленти…од тоа нема за жал ништо. Потрошија повеќе од 20 милијарди евра, еден метар автопат не направија.
ПелаНет: Што очекувате во 2023 година, ќе биде ефикасна работата на Собранието или најдобро е да се самораспушти?
Д-р Олга Лозановска: Искрено не очекувам ништо, затоа што и до сега ништо не видовме. Кризи, сиромаштија, корупција, национален колапс. Ветуваа многу, народот и очекуваше многу. Нели дојдоа со ветување дека живот ќе донесат, па чист воздух, право и правдина. Од тоа ништо не видовме. Држава во долгови, образование девастирано, здравство колабирано, судство без правда, енергетски систем уништен, народот во апатија, национално понижен како никогаш до сега. ИЗБОРИ СЕ ИЗЛЕЗ ОД ДНОТО ВО КОЕ СЕ НАОЃАМЕ.

Извор фото: лична архива на пратеничката


1127