March 29, 2024

Основниот суд во Битола во 2022 година решил 30.169 предмети, а има само 12 судии

Секоја година судовите во Македонија прават извештај за работата за претходната година. Во извештаите има статистика во врска со работата по предмети, состојбите со вработените судии и судската служба и, материјално-техничките средства. Судијата Драган Јаковлевски е в.д претседател на основниот суд во Битола.
Пеланет: Судија Јаковлевски 31 март е ден кога се одбележува денот на судството. Основниот суд во Битола во изминатите години важи за еден од најажурните судови. Што вели вашиот извештај за 2022 година?
Драган Јаковлевски: На 31 март се одбележува денот на правосудството, денот кога со повелба донесена од страна на Президиумот на АСНОМ во 1945 година се воспоставени редовните народни судови во Федерална Македонија.

Фото: М-р Драган Јаковлевски,


Денес, сегашната состојба, не само во основниот суд во Битола туку во Македонија е на едно незавидно ниво. Најпрвин со бројот на судии и напливот на предмети, особено во делот на прекршоците, така што иако основниот суд во Битола има голем број на предмети и мал број на судии сепак успеваме навремено да постапуваме по предметите. Моментално сме со 12 судии, заедно со претседателот на судот; јас како в.д претседател и покрај раководењето со судот судам и предмети од областа на прекршоците, а со цел да се постигне подобар ефект на судот и да се намали заостатокот на предмети.

Во 2022 година имавме голем број на предмети, вкупно сме имале во работа 35.280 предмети на ниво на суд од кои 4.611 предмети се наследени од 2021 година, а примени во текот на 2022 година се 30.675 предмети или вкупно во работа биле 35.280 предмети. Е сега тоа на што јас сум горд како претседател и за судиите што постапувале и судската служба е тоа што во 2022 година се решени 30.165 предмети или во заостаток имаме 5.111 предмети. Иако по бројките сме неажурен суд за 500 предмети (2022 година ја почнавме со 4.611 а ја завршивме со 5.111 и сме за 500 предмети неажурни), ние решивме поголем број на предмети од 2021 година и тоа со помал број на судии.

Фото: Големата судница во ОС Битола, сопственост тв сител

Пеланет: Што тоа значи, дека секој ден секој судија има најмалку по 5 предмети закажано дневно?
Драган Јаковлевски: Секој ден се суди, и на ниво на година, дел од судиите имаат извадено по три годишни норми. Или само за споредба, ако во 2022 година 12 судии решиле 30.675 предмети, во 2021 година со 15 судии сме решиле 27.532 предмети, па во 2022 сме решиле повеќе предмети со помалку судии.
Пеланет: Колку е оптималната бројка односно колку е бројката на судии којашто е потребна за Основен суд Битола?
Драган Јаковлевски: Oптималната работа на основниот суд во Битола би била со 20 судии плус претседател на судот или вкупно 21 судии.
Пеланет: Зголемување бројот на судии би подразбирало дека ние , државата, судството во Македонија треба да оди спротивно на прифатените генерални политики а во корелација со европските практики, директиви?

Драган Јаковлевски: Според европските правила на 100.000 жители треба да има по 21,5 судии. Основниот суд во Битола има 12 судии, а според својата надлежност ги опфаќа подрачјата на Општина Битола, Општина Могила, Општина Демир Хисар, Општина Новаци и има проширена надлежност за Општина Ресен. Според податоците од пописот на подрачјето на овие општини живее население во вкупен број од околу 115.000 жители, што значи дека Основниот суд во Битола, работи со двојно помал број на судии од европскиот просек.
Пеланет: Има ли надеж за вработување на нови судии?
Драган Јаковлевски: Има, на вчерашната седница на Судски совет е донесена одлука за Основниот суд Битола да се распишат 3 места за избор на судии. Меѓутоа, колку би ни помогнале тие места и тие судии не знам бидејќи во октомври еден судија ќе се пензионира, на почетокот на 2024г. уште еден судија и во месец април уште еден судија ќе оди во пензија. Значи ние три добиваме меѓутоа во периодот нареден од една година тројца судии одат во пензија и пак остануваме на 12 судии кои би постапувале во Основниот суд во Битола. Така што, тие три судии не би ни помогнале многу во намалувањето на бројот на предмети, на заостатокот на предмети и во општото подобрување на општата слика на судот.

Фото: симболите на судството, сопственост Врховен суд

Пеланет: Судството од правосудниот систем е најкритикуваниот општествен сегмент. Како Вие како претседател и припадник на новата генерација судии може да се изборите за подобра општа слика на судот?
Драган Јаковлевски: Најпрвин, секој судија треба да тргне сам од себе, со сопствен интегритет, професионално работење, да придонесе во подобрување на сликата на судството општо, како фела и како трета власт во Македонија. Меѓутоа, кога се зборува за судството и недовербата во судството треба истата да не се генерализира туку да се индивидуализира и да се каже кои се тие судии или кои се тие предмети коишто влијаат на довербата во судството . Многу е неправично кон судиите коишто работат цело време, кои придонесуваат за добра слика на судството, кои земаат предмети дома да ги работат, кои доаѓаат и прекувремено работат , да бидат бележани како непрофесионални или корумпирани судии и тоа само како резултат на неколку предмети кои еве да речам се звучни предмети што ги работат судовите во Скопје .
Пеланет: Колку сте Вие задоволен од оганизациската поставеност на ОС Битола? Треба ли да се напрват некакви промени?
Драган Јаковлевски: Идејата е најпрвин да се добијат поголем број на суди. Она што е европски просек да го добиеме, за да одговориме на потребата на граѓаните и да нема голем заостаток на предмети. Затоа што граѓаните сакаат брза правда, брзо да се завршуваат предметите … ако се поднесе тужба до судот во јануари, а да се насрочи предметот во септември или октомври, која правда или која сатисфакција ќе ја добијат граѓаните од предметот !?

Фото: Зградата на Основен суд Битола, сопственост Правдико


Пеланет: Каква е соработката со обвинителството ? Иако се странка во вашите предмети, има ли простор за соработка меѓу институциите, имате ли вие критики на работата на обвинителството?
Драган Јаковлевски: Соработката со обвинителсвото, оној професионалниот дел ни е на задоволително ниво. Од пред Нова Година се организиравме во т.н судечки денови, еден обвинител да биде со еден судија во еден ден , за да нема ситуации еден обвинител да оди кај различни судии и во ист момент да има различни насрочени предмети. Со тоа се постигна добар напредок во работата ,и во насрочувањето на нашите предмети и во организацијата на работата на обвинителите затоа што, се знае кој обвинител во кој ден е кај кој судија. Единствено што може да се подобри е да постои електронска поврзаност меѓу обвинителството и судот, така што сите тие докази кои ги имаат обвинителствата нам да ни ги доставуваат во електронска форма, за да може ние на барање на граѓаните или на обвинетите или на учесниците странки во постапката тие предмети да им ги даваме во електронска форма и таа комуникација ќе оди побрзо и ќе биде поефикасна отколку да се копираат, па да се прават и дополнителни трошоци, единствено да се подигне на тоа ниво на соработка. Но тоа не зависи конкретно од обвинителството во Битола како посебна единка туку на ниво на цела држава кадешто треба да се подобри компјутерската опременост во обвинителството за да може и електронски да се поврземе како државни органи. Доказите кои ги имаат на пример да бидат електронски, скенирани или сл. во таа смисла за да може ние тие докази да ги презмиме, електронски да ги доставиме до адвокатите ако имаат потреба од тие докази да направат увид или да се овозможи правото на одбрана.

Пеланет: Односот, релациите со полицијата и адвокатите? Како нив ги оценувате, треба ли и тука промени?
Драган Јаковлевски: Имаме добри односи и со полицијата и со адвокатите. Во делот со полицијата, најмногу допирна точка имаме со прекршочните предмети, имаме добра соработка особено кај сообраќајните прекршоци, тоа е оној професионален дел во смисла на укажување на одредени недостатоци во нивното постапување. Кога започнува постапка, тие се странка и имаат подеднаков третман како и другите учесници во постапката.
Со адвокатите имаме одлична соработка, има канцеларија за адвокатите, опремена со компјутер,со печатар за да може и тука да работат. Соработката и со полицијата и со адвокатите ни е на релативно високо ниво и се надевам и дека ќе продолжи.

Фото: Судиско чеканче


Пеланет: Поаѓајќи од праксата што ја изведувате, настрана оганизирањето на судот, потребни ли ни се суштински промени како би можеле во една година да влезат и да излезат 35.000 предмети? Суштински мислам на законски промени, генерално .
Драган Јаковлевски: Промени се секогаш потребни во смисла да се намали бројот на предмети што ќе доаѓаат до судот. Еве на пример кај прекршоците, има банални прекршоци коишто се казнуваат со 45 евра (во денарска противредност), ако се платат во рок од 8 дена е половина од 45 евра, има и прекршоци од 20 евра … Излишно е тие предмети да доаѓаат на суд и да се трошат ресурси, време, средства , пари . Тие прекршоци би било добро да одат во комисија во СВР , а не да доаѓаат на суд . Исто така, како суштински промени би било добро да се зголемат предлог-спогодбите од обвинителство така што таквите предмети ќе се завршуваат на едно рочиште, а нема да се испитуваат сведоци и да се повикуваат вештаци… побрзо би се решавале тие предмети во судот и времетаењето на постапките ќе биде кратко.


Пеланет: Судиите треба да добијат поголема плата, Вие како претседател сметате дека заслужуваат или не?

Фото: судија Драган Јаковлевски, в.д. претседател на Основен суд Битола

Драган Јаковлевски: Јас не би зборувал само за платата на судиите. Постојано се става акцент на платата на судиите и нивната материјална положба. Јас би сакал да го истакнам проблемот со платите и материјалната положба на судската служба. Тие исто така се важна алка во судскиот систем и без судска служба не е возможно функционирање на судот. Судијата не може да суди без дактилограф, судските соработници ни помагаат во пишување на одлуките, од доставувачите зависи навременото доставување на поканите и одлуките. Тие примаат ниски плати, еднакви на минималната плата, па затоа е потребно менување на Законот за судска служба и за покачување на платите на судската служба.
Тука сакам да истакнам голема благодарност и до судската служба. Овие резултати судот немаше да ги постигне доколку немаше голема посветеност од страна на судската служба и стручните соработници и нивната пожртвуваност во работата. Така што кога се зборува за еден суд, без разлика дали е ОС Битола или било кој друг суд во државата, важна алка во правосудниот синџир е и стручната служба.

Пеланет: Основен суд Битола по 5 години, како го замислувате?

Драган Јаковлевски: Го гледам прво со зголемен број на судии, зголемен број на судска служба и со многу подобри резултати и уште подобри услови за работа.


1042