“ПРЕСПА” – 30 ГОДИНИ ВЕСНИК НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО АЛБАНИЈА
Во присуство на поголем број гости и жители на општина Пустец беше одбележана 30-годишнината од првиот број на македонскиот весник „Преспа“. За тридецениското опстојување на весникот, почетоците и проблемите со кои се соочувала редакцијата на весникот зборуваше уредникот Ефтим Митревски. Од името на динствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) пред присутните се обрати Васил Стерјовски.
Во продолжение целосното излагање на Стерјовски
Почитувани гости, драги пријатели,
Ми преставува особена чест и задоволство во името на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ) да ве поздравам на овој убав јубилеј, 30 години од основањето на македонскиот весник “Преспа”.
Денеска е ден за славење за Македонците во Албанија. Денес, се прославува 30 години од основањето на првиот печатен весник на македонски јазик во Албанија весникот “Преспа”.
“Преспа” е весник кој го основа Спасе Мазенковски и кој се вгради себеси во весникот се до денот кога прерано не напушти на 30 мај 2018 година, оставајќи неизбришливи траги во историјата на Македонците во Албанија.
Весникот „Преспа“ ја поврза својата судбина и живот со животот и судбината на Македонците во Албанија и успеа да стане глас на Македонците во Република Албанија.
“Преспа” во изминатите 30 години опфати теми од сите области на животот на Македонците во Албанија давајќи голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците.
“Преспа” е весникот со кој пораснавме. Секој број на весникот “Преспа” со нетрпение се чекаше од читателската публика без разлика на возразта. Историјата на весникот “Преспа” е историја на македонскиот народ во Албанија.
Овој весник, кој беше прв весник на македонски јазик за Македонците во Албанија, имаше големо значење за заштитата на македонската култура, традиција и идентитет на Македонците во Албанија. Тој не само што не информираше со најновите вести и информации од македонската заедница, туку и го потенцираше значењето на нашата култура и идентитет во албанското општество.
Македонците во Албанија се соочуваа со многу предизвици во минатите години, но “Преспа” им беше прекрасен извор на поддршка и инспирација. Овој весник ни даде глас, и ни помогна да се слушнеме и разбереме ние Македонците во Албанија.
Да се опстои 30 години без никаква финасиска подршка од државните институции на Албанија, низ сите предизвици кои минале и се уште минуваат Македонците во Албанија, а заедно со нив и „Преспа“, е навистина голема и одговорна работа и за тоа треба да се заблагодариме на сите кој дале свој придонес да не згасни овој весник.
Честитки за главниот и одговорен уредник Ефтим Митревски и целата редакција на весникот “Преспа”. Да славиме уште многу јубилеи на “Преспа” и сите заедно да продолжиме да го одржуваме овој македонски бренд во Албанија.