‘Еден ден’ од поетесата Благица Гаврилоска

Еден ден
еден иден ден
пак ќе ми го земат гласот,ти незнајнику
и не ќе има фајде да кенкам и гребам
како куче зад затворени врати
зашто никој не ќе има тука
мојот глас да го слуша.

Еден ден
и тоа наскоро ќе биде
пак ќе ми го земат животот ,залутан
во некои непознати меридијани
но не во мојот живот кој го имав
а многу одамна го изгубив .

Еден ден
а може и утре да биде
пак ќе ме снема
во непознати орбитали
а себе си одамна се изгубив
а каде и во кој миг скршнав и каде погрешив не сум свесна и не знам.

За тоа прашајте ја сентименталноста моја
сентименталност ли беше,наивност или глупост беше моја
како дете неуко и незнајно.

Еден ден
а брзо ќе биде
пак ќе ме снема ,
а не знам ни сама
каде ќе бидам и каде ќе ме има
само во еден дел од секундата
одлутав без свест и за неблагодарна милост себе си се изгубив
давајќи се’ од себе и самата себе

Еден ден,
кога се изгубив
и кога ме снема
во непознати простори
и мрачни беспаќа
не ја знаев лекцијата тогаш
љубовта не се храни со давање
незаситна е и се повеќе гладна.

Еден ден
ете дојде и тој ден
а може и утре да биде
бледата сенка на месечината
ќе ме прекрие со прекривката
звездена и мрачна
и трагите мои вечно ќе ги снема
залудно ќе биде да ги барате
затоа што не можете да ги пронајдете…

Благица Гаврилоска


1254