Битола го добива наследството на Кирил Македонски: Семејството му ја доверува колекцијата на Завод и музеј

Во просториите на Националната установа „Завод и музеј“ – Битола се случи тивка, но историски значајна културна средба. Семејството на еден од највлијателните македонски музички творци, Кирил Македонски, го довери неговото богато и ретко наследство токму на оваа институција, симболично токму на денешен ден, 2 јуни, кога се одбележуваат 41 година од неговото заминување.

На средбата присуствуваа најблиските роднини на композиторот, меѓу кои и неговата ќерка, д-р Пламенка Македонска, која со емотивни зборови ја објасни одлуката: „Долго размислував кому и каде да го предадам овој материјал. Имам голема доверба во вас, директоре Зоран Николовски, во вашите стручни соработници, во моите најблиски роднини, во оваа институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културно наследство.“

Од институцијата „Завод и музеј“ – Битола возвратија со длабока благодарност и јавно ветување дека ќе се грижат за овој вреден фонд со највисока стручна и морална посветеност. Се работи за обемен и културно непроценлив материјал кој го документира животот, делото и уметничкиот опус на Кирил Македонски, чија оставнина сега станува достапна за истражувачи, музиколози, љубители на класичната музика и идните генерации.

Во донацијата се вклучени повеќе од 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, три семејни фото-албуми, оригинални партитури, опери, оперети, либрета, лични писма, хорски и симфониски дела, драмска и филмска музика, детски песни, плакати, дипломи, награди, списанија, како и лични документи и предмети кои го оформуваат културниот и човечкиот лик на овој битолски великан.

Преку оваа несекојдневна и емотивна гестa, Битола уште еднаш се потврдува како чувар на националната меморија и како град со длабоко чувство за културна обврска. Наследството на Кирил Македонски од денес станува дел од колективната ризница, а неговиот глас – преку ноти, партитури и спомени – ќе продолжи да одекнува низ македонската историја.


1184

Задолжително

Verified by MonsterInsights