Конзулот Ростковски – симбол на храброста и пријателството

Александар Аркадиевич Ростковски бил империјален руски дипломат, државен советник и конзул. Роден е на 18 октомври 1860 година во Херсон, како син на полковник Аркадиј Францевич Ростковски. Детството го поминал во Одеса, каде учел во гимназија, а потоа дипломирал во Императорскиот Александровски (Царскоселски) лицеј во 1883 година, по што влегол во Министерството за надворешни работи на Руската империја.
Службата го водела низ повеќе дипломатски мисии: во Бугарија, Ерусалим, Јанина, Бејрут, Грција, Италија (Бриндизи) и како заменик-агент на МНР во Одеса. Се оженил со кнегињата Екатерина Василевна Дабижа. Во 1895 година бил назначен за вицеконзул, а потоа и конзул во Битола, тогаш под османлиска власт. Таму бил познат по својата решителна поддршка на христијанското население (рајата), застапувајќи ги нивните права и интереси пред турските власти, и по блиските контакти со македонски интелектуалци, меѓу кои Крсте Петков Мисирков, учител на неговите деца.
На 8 август 1903 година, во време на Илинденското востание, на пат кон службата бил застрелан од турски жандарм — Албанец по потекло. Според сведоштвата, стражарот прво му оддал чест, а потоа испукал неколку куршуми, првиот го погодил во рамото, а вториот во главата. Вдовицата подоцна запишала дека нејзиниот сопруг не сакал да премолчи намерно непријателски став на жандармот, бидејќи тоа ќе изгледало како слабост или кукавичлук. „Тој ја одбрани честа на својата униформа и на земјата на која ѝ служеше искрено и предано,“ напишала таа.
Убиството предизвикало жестока реакција во Санкт Петербург. Императорот Николај II побарал најстрога казна за убијците, а четири бојни бродови на Црноморската флота се закотвиле кај Босфорот. Султанот испратил официјални извинувања, валијата Али-Риза паша бил протеран во Либија, а на 14 август жандармот и неговиот соучесник биле обесени на истото место каде што паднал Ростковски.
Султанот ѝ понудил на вдовицата 200.000 франци како отштета, а потоа ја зголемил понудата на 400.000 франци, но Екатерина Василевна категорично одбила: „Нема такво обесштетување што би можела да го прифатам од Турција за крвта на мојот маж.“
Погребот во Одеса, каде телото било пренесено со бродот „Терец“, бил невиден по својата церемонијалност. Според современиците, свештенството, војската, граѓанските власти и илјадници граѓани учествувале во поворката со беспрекорен ред, каков што градот никогаш не видел.
По трагедијата, вдовицата со децата се повлекла во имотот на нејзините родители во Чернигов, а подоцна во емиграција во Италија, каде напишала мемоари под псевдонимот „Кнегиња де Каер“. Ракописот денес се чува во италијански архив.
Во чест на неговата пожртвуваност и човечност, во Битола е подигнат споменикот „Руски крст“, кој во 2003 година беше обновен токму на местото каде што се случи трагичниот настан. Овој симбол не е само потсетник на едно храбро дело, туку и мост на пријателството меѓу двата народа. Неговото име и дело продолжуваат да живеат преку редовните културни манифестации и активностите на Здружението за македонско–руско пријателство „А.А. Ростковски“, кое со гордост го носи неговото име и ја пренесува неговата мисија на новите генерации.


1313

Задолжително

Verified by MonsterInsights