Голем успех за УКЛО – пет одобрени научно-истражувачки проекти од МОН

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола постигна еден од своите најзначајни истражувачки успеси во последниве години. На јавниот конкурс на Министерството за образование и наука за финансирање научно-истражувачки проекти, на УКЛО му се одобрени пет проекти, со што се најде на второто место меѓу државните универзитети, научните институти и МАНУ, веднаш зад УКИМ.

Одобрените проекти се фокусирани на клучни области и имаат директен придонес кон зелената и дигиталната трансформација на општеството.

Главните истражувачи и проектите што добија поддршка се:

  • Весна Антоска – „Математички модели во машинско учење за паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност“ (Технолошко-технички факултет – Велес)
  • Билјана Јорданоска Шишкоска – „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“ (Научен институт за тутун – Прилеп)
  • Гордана Димитровска – „Паметна платформа за мониторинг на крави и производство на функционален млечен производ (COW-TECH)“ (Факултет за биотехнички науки – Битола)
  • Ангелина Станојоска – „Употреба на дигитални платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина“ (Правен факултет – Кичево)
  • Цветко Андреески – „Примена на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција за унапредување на туризмот во Северна Македонија“ (Факултет за туризам и угостителство – Охрид)

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, посочи дека проектите беа одбрани на јавен конкурс, со вкупен износ за финансирање по проект до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година. Ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за научно-истражувачки проекти, што ја покажува насоката кон која се стреми државата.

Раководството на УКЛО го поздравува овој успех како доказ за растечката научно-истражувачка моќ на Универзитетот и потврда за посветеноста кон актуелните општествени, технолошки и еколошки предизвици. Честитки беа упатени до сите истражувачи, координатори и учесници во подготовката на проектите, бидејќи ова е голем чекор напред и поттик за уште поамбициозни научни активности во иднина.


1291

Задолжително

Verified by MonsterInsights