МЕТОДИЈА АНДОНОВ – ЧЕНТО
Методија Андонов – Ченто е роден на 17 август 1902 година во Прилеп. Од најрана возраст работел на тутунските полиња, а по завршувањето на средното трговско училиште отворил сопствена бакалница и гостилница. Во 1930 година се оженил со Василка, со која имале четири деца.
За време на Народноослободителната борба активно учествувал во движењето. По ослободувањето, како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, се залагал за обединета и самостојна Македонија, за враќање на имотот на Македонците и за финансиска независност на државата. Неговото познато убедување останува забележано во реченицата:
„Ако Македонија ја остават на Македонците, таа ќе биде цветна градина.“
Несогласувањата со тогашното југословенско раководство, особено со Темпо, довеле до негово апсење. На 14 јули 1946 година е уапсен во Прилеп, а во ноември истата година е изведен пред суд со состав: Панта Марина – претседател, Лазар Моисов и Коле Чашуле. Осуден е на 11 години затвор, кои ги одлежува во Идризово, под строга стража и со ограничени посети.
Во затворот постојано му се вршел притисок да потпише изјава за каење, но Ченто никогаш не ја прифатил вината. По девет години робија е пуштен на условна слобода, тешко болен од рак на желудник. Без дозвола од Тито да замине во странство на лекување, осамен и во големи маки, Ченто починал во Прилеп на 24 јули 1957 година.
Со Одлука на Врховниот суд на Република Македонија во 1991 година тој е целосно рехабилитиран, а неправедната пресуда од 1946 е поништена. Во 2010 година, претседателот на Република Македонија постхумно го одликува со Орден на Република Македонија.