Победа во Могила за второ место на табелата и чекор поблиску до целта
Во рамки на 15. коло од Третата лига – Југозапад, во Могила гостуваше второпласираната екипа на Славеј, а бодовите останаа на домашен терен, по заслужена победа на домаќините.
Натпреварот бил тежок и борбен, токму како што и се очекувало. Домашниот тим настапил без неколку стандардни првотимци, но сепак од почетокот на средбата ја презел иницијативата, создавајќи повеќе шанси пред противничкиот гол. И покрај доминацијата, реализацијата изостанувала во текот на поголемиот дел од натпреварот.
Решавачкиот момент се случил во 88. минута, кога најдобриот стрелец на тимот, Хакан Алимовски, постигнал погодок за голема радост на домаќините. Голот бил вреден три бода и предизвикал еуфорија на теренот, клупата и на преполните трибини.
Со оваа победа, екипата се искачува на второто место на табелата и останува во трка за првата позиција, која води во бараж за Втората лига.
Од клубот истакнуваат дека остануваат приземни и максимално фокусирани на следниот предизвик. Во следното коло, во недела, тимот гостува кај лидерот Влазними, натпревар кој се оценува како историска шанса за дополнителен исчекор кон целта.