45 години „Мизар“ на „Денови на Крали Марко“ во Прилеп
Во подножјето на Марковите Кули: Легендарните „Мизар“ со јубилеен концерт во Прилеп
Во организација на Општина Прилеп, во рамки на манифестацијата „Денови на Крали Марко“, на 17 мај 2026 година (недела) во Амфитеатарот во Варош ќе настапи култниот македонски бенд „Мизар“. Концертот е закажан за 20:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.
Овогодинешната програма на „Деновите на Крали Марко“ – манифестација која традиционално се одржува во сенката на Марковите Кули – носи богат културен распоред. На 15 мај (петок) во Заводот и музеј Прилеп од 10:00 до 14:00 часот ќе биде отворена интерактивна работилница и изложба посветена на балканскиот јунак Крали Марко. Истиот ден со почеток во 20:00 часот, во црквата „Св. Никола“ во Варош, љубителите на филмската уметност ќе можат да уживаат во Фестивалот на планински филм „ЕХО патува“.
Главниот музички акцент на годинашното издание е резервиран за недела, 17 мај 2026 година, кога групата „Мизар“ пред прилепската публика ќе настапи во Амфитеатарот во Варош, со почеток во 20:00 часот.
45 години „Мизар“ – бест оф програма
По повод 45 години од основањето на бендот, „Мизар“ подготви специјална „бест оф“ програма која опфаќа избор од нивното богато творештво создавано низ изминатите децении. Познатиот македонски бенд и бренд зад себе остави албуми како „Мизар“, „Кобна убавина“, „Свјат Дримс“, „Детето и Белото море“, „Поглед кон цветната градина“ и „Вечна празнина“.
Од богатата сет-листа се издвојуваат култните песни: „Градот е нем“, „Униније“, „Магла“, „Дождот“, „Девојка од бронза“, „Истекувам“, „Константинопол“, „Почесна стрелба“ и „Сонце златно“, како и други теми од нивниот повеќедецениски опус.
„Мизар“ со својот уникатен пост-панк и готик рок звук остави значаен белег не само во македонската музика, туку и на пошироката културна сцена на Балканот. Нивниот настап на 17 мај во Амфитеатарот во Варош се очекува да собере бројна публика, вљубеници на алтернативната сцена, но и сите оние кои сакаат да оддадат признание за 45-годишното музичко наследство на оваа легендарна група.
Организаторите апелираат до граѓаните да пристигнат навреме и да го искористат бесплатниот влез за вечерта која ветува незаборавно музичко патување.