Во Битола одбележан Светскиот ден на културната разновидност со повеќе културни содржини
Во декември 2002 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 21 мај за Светски ден на културната разновидност, со цел да се истакне значењето на меѓукултурниот дијалог, мирот и одржливиот развој.
По тој повод, Општина Битола организираше настан на кој се обрати градоначалникот Тони Коњановски, а присутен беше и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.
Општина Битола по втор пат го одбележува овој датум, со цел унапредување на свеста за значењето на културната разновидност и почитувањето на различните културни изрази.
Настанот ја промовираше и Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и промоција на разновидноста на културните изрази, преку нејзините четири клучни цели: поддршка на културното управување, избалансиран проток на културни добра и услуги, интеграција на културата во одржлив развој и промоција на човековите права и слободи.
Во програмата учествуваа повеќе културно-уметнички здруженија и ансамбли, меѓу кои КУД „Илинден“, АФ „Гоце Делчев“, ФА „Битола“, „Етно Илинден“, „Плетенка“, Комуната на Власите, „Ромска ѕвезда“, Македонско-српското пријателство, Здружението на ракотворци Битола, „Мустафа Кемал Ататурк“, „Нентори 22“ и Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“.
Настанот беше збогатен со две фотографски изложби посветени на стара Битола и фолклорни мотиви.




