Меѓународен Славјански Универзитет додели дипломи на новата генерација студенти
Во свечена и достоинствена атмосфера во Офицерскиот дом во Битола, на 26 мај, се одржа традиционалната свеченост за врачување дипломи на дипломираните студенти на Меѓународен Славјански Универзитет.
На настанот присуствуваа професори, соработници, студенти и нивните семејства, кои заедно го одбележаа завршувањето на уште една генерација академско образование и започнувањето на нови професионални патишта.
Свеченоста ја отвори и се обрати проректорката за настава и наука, проф. д-р Горица Поповска Налевска, која воедно им ги врачи дипломите на новите магистри, честитајќи им за постигнатиот успех и истрајноста во текот на студиите.
Во рамки на програмата, обраќања имаа и претставници од факултетите на Универзитетот:
- проф. д-р Слаѓана Ангелкоска, декан на Факултетот за психологија
- доц. д-р Елена Стојанова Златева, продекан на Факултетот за правни науки
- проф. д-р Јулијана Силјаноска, продекан на Факултетот за економија и организација на претприемништво
Во своите говори тие упатија честитки до дипломираните студенти, истакнувајќи ја важноста на знаењето, упорноста и континуираниот професионален развој.
Свечениот чин заврши во духот на традицијата – со фрлање на капите и заедничка фотографија во дворот на Офицерски дом Битола, како симбол на завршеток на едно значајно животно поглавје и почеток на нови предизвици и можности.



