Битолската коњаница „Костурска чета“ тргна кон Крушево во чест на Илинден
Со развиорени македонски знамиња, достоинство и силна порака за почит кон историјата, Битолската коњаница „Костурска чета“ денес го започна својот традиционален марш кон Крушево, каде ќе учествува во одбележувањето на големиот национален и верски празник Илинден – 2 Август.
Пред поаѓањето, коњаницата оддаде почит на македонските херои со полагање цвеќе кај спомениците на бранителите и на Александар Турунџев, а потоа во храмот „Св. Недела“ беше извршен водосвет и благослов за успешно патување.
Оваа традиција претставува симбол на почит кон илинденците, нивната борба за слобода и негувањето на македонското историско и духовно наследство. Патувањето кон Крушево е повеќе од коњички марш – тоа е жива врска меѓу минатото и сегашноста, потсетник на вредностите за кои се избориле нашите предци.
