Градскиот парк стана центар на бајкерскиот спектакл

Над 1.000 мотори, илјадници посетители и атмосфера до доцна во ноќта – така изгледаше Битола за време на големиот мото собир што го организираше МК „Конзули“. Градскиот парк повторно се претвори во место каде се собраа љубители на моторите од Македонија и соседните земји.

Моторџии и моторџики, млади и повозрасни, пристигнаа со различни модели и марки мотори, од „Хонда“, „Јамаха“ и „Сузуки“, до големи и мали машини, а дел од учесниците во Битола пристигнаа неколку часа пред почетокот на собирот.

Пред почетокот на главната програма, моторџиите прошетаа низ Широк Сокак, каде уживаа во познатата битолска кафе-атмосфера, по што следуваше дефиле низ градските улици.

Овогодишниот собир се одржа под мотото „Една страст, еден пат, едно братство“. Според организаторите, во Битола пристигнале повеќе од 1.000 мотори, а со нив и голем број гости и совозачи.

„Конзули“ и годинава успеаја да привлечат мото-клубови од повеќе градови во Македонија, но и гости од Србија, Грција и други места. За клубот, собирот претставува можност за дружење, размена на искуства и продолжување на пријателствата меѓу моторџиите.

На големата бина во Градскиот парк настапија српскиот рок-бенд POROCK и македонскиот бенд STOPTON, а за присутните беа обезбедени храна и пијалаци, како и бајкерски игри и награди.

Посебно внимание привлече можноста за бесплатен кампинг, па дел од учесниците останаа во Битола под отворено небо и по завршувањето на музичката програма.

Во рамки на собирот МК „Конзули“ додели и благодарници на истакнати свои членови и на мото-клубови кои редовно се дел од нивните собири.

Вечерта во Градскиот парк заврши во знакот на моторите, музиката и дружењето, а организаторите упатија порака до сите моторџии: „Возете внимателно и пијте одговорно!“


1126

Задолжително

Verified by MonsterInsights