25 години од 11 Септември – денот што го промени светот
Пред точно 25 години, светот во живо го гледаше незамисливото. На 11 септември 2001 година, четири патнички авиони беа киднапирани, а терористичките напади во САД за неколку часа го променија текот на историјата.
Два авиони удрија во Кулите близначки во Њујорк. Само 56 минути по ударот се урна Јужната кула, а нешто подоцна исчезна и Северната. Третиот авион удри во Пентагон, додека четвртиот се урна во Пенсилванија откако патниците се обидоа да ги спречат киднаперите.
Билансот беше страшен – загинаа 2.977 луѓе, без 19-те киднапери. Меѓу жртвите беа пожарникари, полицајци, спасувачи и цивили кои во тие моменти се обидуваа да им помогнат на другите.
Но, трагедијата не заврши со падот на кулите. Урнатините со недели тлееја, а прашината и токсичните материи оставија долгорочни последици врз здравјето на илјадници луѓе кои работеа или живееја во близина на местото.
Во тие часови Америка практично застана. Воздушниот простор беше затворен, илјадници авиони беа приземјени, а безбедносните правила на аеродромите ширум светот засекогаш беа променети.
11 Септември предизвика и огромен геополитички пресврт. САД ја започнаа „Војната против тероризмот“ и воената интервенција во Авганистан, која траеше речиси две децении.
Четврт век подоцна, сликите од чадот над Њујорк, рушењето на кулите и луѓето кои во паника ги напуштаа улиците и понатаму остануваат длабоко врежани во колективното сеќавање.
11 Септември не беше само ден на терористички напад. Беше денот кога светот влезе во една нова ера.