Ацо Дуковски одликуван со Медал „Браќа Манаки“ за долгогодишниот придонес кон фестивалот

Во градот на филмската камера, каде што деновиве се одржува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, уште едно признание отиде во рацете на човек кој со децении е дел од македонската филмска приказна.

Друштвото на филмските работници на Македонија му го додели Медалот „Браќа Манаки“ на актерот и филмски професионалец Ацо Дуковски, како признание за неговиот особен и долгогодишен придонес кон фестивалот. Медалот му беше врачен на 20 септември во Битола.

Дуковски е добро познато име во македонската кинематографија. Од 1984/85 до 2003 година беше директор на „Градски кина – Скопје“, период во кој оваа институција управуваше со широка мрежа на киносали во Скопје.

Неговата поврзаност со „Браќа Манаки“ не е само институционална. Во годините на неговото раководење со „Градски кина“, Дуковски активно го поддржувал фестивалот, а неговите професионални контакти и ангажман придонесувале за обезбедување филмови и гости. Тоа било во време кога фестивалската организација и меѓународната комуникација се одвивале во услови значително поинакви од денешните.

Покрај работата во филмската индустрија, Дуковски е активен и како актер, со улоги во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Gypsy Magic“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“.

Медалот „Браќа Манаки“ е изработен од „Божиновски“, долгогодишен пријател и поддржувач на фестивалот.

Со ова признание, името на Ацо Дуковски се запишува уште еднаш во приказната за фестивалот кој со децении ја става Битола во центарот на светската филмска карта.


1091

Задолжително

Verified by MonsterInsights