March 28, 2024

Реализацијата на субвенционираното снабдување тече непречено

Од 1 декември сите пријавени ќе добиваат електрична енергија од ЕСМ Продажба

Процесот за снабдување со поевтина електрична енергија за клучните субјекти по одлуката на Владата тече непречено и без никаков застој, и сите пријавени кои исполнуваат услови ќе добијат електрична енергија од ЕСМ Продажба од 1 декември.
ЕСМ Продажба ги отфрла неоснованите изјави од страна на одредени претставници од стопански асоцијации во кои без аргументи и надвор од вистината се критикува процесот и се изнесуваат паушални оценки дека истиот е запрен, како и критики за службите кои истиот го спроведуваат.
Сите лица кои се заинтересирани ги повикуваме да се обратат до ЕСМ Продажба за информација како тече процесот и постапката, пред да даваат јавни изјави.
Исто така, апелираме на одговорност кај медиумите, односно согласно правилата за известување, да побараат податок и од ЕСМ Продажба, пред да пренесуваат во јавноста критички ставови на лица кои не поседуваат податоци за вистинската состојба.
Субвенционираното снабдување со електрична енергија за училиштата, прехранбената индустрија и водостопанствата е ново задолжение дадено на АД ЕСМ од страна на Владата. При секое ново задолжение кое не било дел од тековното работење на Друштвото, потребно е време за воспоставување на системот и процедурите за негово спроведување, набавка и инсталирање на софтвер, обезбедување соодветни ресурси за физичко и правно процесирање на договорите и комуникација со субјектите кои се од цела држава и од различни категории на дејност.


1013