February 1, 2023

ТЕЦ Неготино утре изутрина ќе почне со пуштачки активности за ставање на електраната во функција на производство

Вечерва завршуваат сервисните и ремонтните активности на генераторот и на другата опрема во ТЕЦ Неготино, и утре во 7.30ч почнуваат пуштачките активности за ставање на електраната во функција на производство.
Во договорот со економскиот оператор кој ги изведуваше работите беше наведен 15 декември како датум за завршување на зафатите. Но, со засилен интензитет на работа на економскиот оператор, и зголемен ангажман на вработение кој во изминатите денови се вршеше под засилен надзор од генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и на директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, рокот е скратен за 10 дена. Во услови на енергетска криза тоа ќе значи економски и енергетски бенефит.
Во сервисните и ремонтните активности беа вклучени економскиот оператор Монтинг Инженеринг, вработените во ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ, РЕК Битола и консултанти од производителот од Украина.
Генераторот е произведен во 1975г и во ТЕЦ Неготино е ставен во употреба во 1978г. Ова е прво отворање и големо ремонтирање на генераторот.
АД ЕСМ вложува максимални напори и засилено ги става во функција сите капацитети, со цел да се задоволи зголемената потреба од домашна електрична енергија, со оглед на зголемените задолжувања од страна на Владата кон АД ЕСМ за испорака на енергија кон Универзалниот снабдувач, институциите, како и бизнис секторот.