May 19, 2024

Објавени добитникот на Специјална Златна камера 300 и програмата на 44 издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски го објави добитникот на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност на 44. Фестивалско издание што ќе се одржи од 23 до 29 септември.
Тоа е Шеjмус Мекгарви, кинематограферот, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои ЕМИ награда и БАФТА номинација за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на Фестивалот како добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Мекгарви е два пати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со Лимиер медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.
На конференцијата, селекторите на Интернационалниот фестивал на филмската камера ја објавија програмата на овогодишното 44. фестивалско издание.
Селекторот на програмата Камера 300 за долгометражни играни филмови, Слаѓан Пенев, ја најави исклучително богатата и атрактивна селекција. Освен претходно објавените македонски филмови на отворање и затворање на фестивалот, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“, од филмовите што ги најави Пенев ќе ги издвоиме пролетерската трагикомедија на Аки Каурисмаки, ПАДНАТИТЕ ЛИСЈА/FALLEN LEAVES, во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на фестивалот, мистичното трагање по недофатливото во фотографијата и музиката на Вим Вендерс, СОВРШЕНИ ДЕНОВИ/PERFECT DAYS, во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој исто така ќе биде присутен во Битола, медитативната чеховско-ромеровска драма нa Нури Билге Чејлан, ЗА СУВИТЕ ТРЕВИ/ABOUT DRY GRASSES, во прва соработка со два кинематографери, Џеваир Сахин и Курсат Уресин, кои во тандем ќе се појават и на проекцијата во Битола, Хичкоковскиот трилер АНАТОМИЈА НА ЕДНО ПАЃАЊЕ/ANATOMY OF A FALL, кој ја доби Златната палма на последниот Кански фестивал, дело на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил, како и богатата симфонија на ѕвезди и стил на Вес Андерсон, АСТЕРОИД СИТИ/ASTEROID CITY, со најчестиот негов соработник, искусниот кинематографер Роберт Д. Јеоман.
Селекторите на програмите за кратка, документарна и студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски, ги објавија селекциите во своите програми, каде што исто така има атрактивни наслови, како документарниот филм ЧОВЕК ВО ЦРНО/MAN IN BLACK на Ванг Бинг, чија кинематограферка, Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс (HOLY MOTORS), исто така ќе биде гостин на Фестивалот.


1171